Непостигнувањето политички договор околу иднината на Специјалното јавно обвинителство не треба да ги обесхрабри политичарите да продолжат со дијалогот за изнаоѓање решение за ова важно прашање, пред се за државата, смета меѓународната заедница. Според евроамбасадорот Самуел Жбогар јавноста очекува од политичарите да постигнат договор околу ова прашање, но многу поважно е да се врати изгубената доверба во судството.

Мора да се фокусираме на обидот да се најде решение. Изнаоѓање на решение за функционално судство е многу поважно отколку што е датумот за отпочнување на преговорите. Мислам дека политичарите и судството прво треба да  ја вратат довербата кај граѓаните пред се и тоа треба да им биде во фокусот. Доколку довербата биде вратена прилично сум уверен дека ЕУ ќе ја препознае таа промена. – изјави денеска во Вевчани амбасадорот на ЕУ Жбогар.

Што се однесува до датумот за отпочнување на преговори со ЕУ,  евроамбасадорот Жбогар истакна дека се уште има еден месец до донесувањето на одлуката, додавајќи оти земјите членки очекуваат дека ќе има гаранции во врска со предметите коишто сега се во Специјалното јавно обвинителство.

Запрашан дали тој како и меѓународната експертска јавност која посредуваше во политичките разговори кои резултираа со формирање на СЈО, чувствуваат одговорност по последните случувања поврзани со работата на оваа институција,  евроамбасадорот Жбогар истакна дека ова обвинителство во изминатите години работеше на многу важни случаи за сторени кривични дела кои треба да бидат до крај расветлени.

Веруваме и сметаме дека работата на СЈО може да ја продолжи Јавното обвинителство, така што има логика да се спојат  СЈО и ОЈО. Колку што разбираме и двете страни се согласни со тоа. Сега зборуваме за детали како тоа ќе функционира во иднина, но да одговорам директно, ние ја делиме големата разочараност и горчина која што ја чувствуваат граѓаните на оваа земја со расплетот на настаните. – додаде Жбогар.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, заедно со Амбасадорката на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан, Министерот за животна средина Насер Нуредини и градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски присуствуваa на седницата на локалниот совет на која беше усвоен Планот за управување со Вевчанските извори – споменик на природата кој повторно после дваесет години се враќа во владение на Општина Вевчани.

Г.М.
Фото: А. Момироска