Северната обиколница на градот Охрид треба целосно да биде готова до средината на месец септември, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој заедно со директорката  на Агенцијата за изградба на патишта го посети градилиштето на улицата „Железничка“.

– Задоволни сме од тоа како се одвиваат градежните работи. Знаеме дека имаше одредени имотно правни проблеми кои сега целосно се решени, така што објективно е до средината на септември да завршат градежните работи со што ќе се подобри патната инфраструктура на градот Охрид  за што се инвестирани  2,5 милиони евра, истакна Јанакиески.


Министерот за транспорт најави дека најдоцна за петнаесет дена ќе започне и санацијата на свлечиштето на патот Битола-Охрид, за што биле добиени гаранции од Агенцијата за патишта.

– Бидејќи се работеше за големо свлечиште мораше да се направи проект и здрава студија за да се санира свлечиштето така што да не се повтори во иднина нешто слично на тоа место, рече Јанакиески.


Улицата „Железничка“

Во врска со изградбата на Коридорот 8, Јанакиески истакна дека тој е дел од пакетот за издавање на патиштата во Македонија под концесија и дека на почетокот на наредната година ќе се знае компанијата што ќе управува со патната инфраструктура и која ќе има обврска во рок од осум години да ги изгради патиштата вклучително и Коридорот 8.

Г.М.