Праисториската населба од крајот на бронзеното и почетокот на железното време веќе се издига од водите на Охридското Езеро во заливот на коските. Оттука камена патека води до ридот над Градиште, до Римската тврдина од каде езерото се гледа како на дланка. Целиот простор е осмислен со детали кои автентично го отсликуваат животот од далечното минато. Не ви треба временска машина, сега низ времето може да се патувате пеш.


Наколната населба во Градиште

Оваа нова културно-историска знаменитост, во чии рамки ќе функционира и Музеј, наскоро ќе и биде достапна на целокупната јавност. Реконструкцијата на дел од наколната населба која некогаш се протегала на површина од 8.500 метри квадратни е завршена. До свеченото отворање останува само да се уредат деталите и внатрешноста од музејот.

Покрај екстериерот на наколната населба, реконструиран е и ентериерот, а во неколкуте дрвени куќички изградени на платформата поставена на колци над водата ќе бидат изложени сите предмети пронајдени за време на осумгодишните археолошки истражувања на подводниот локалитет „Плоча Мичов Град“, каде се пронајдени остатоци од крајот на бронзеното и почетокот на железното време ( 1200 и 700 година пред нашата ера).


Музеј на вода – единствена туристичка атракција од ваков вид во Европа

Паралелно со изградбата на наколната населба и Музејот, на ридот над Заливот на коските е реконструирано военото утврдување од римско време, што некогаш ја штитело Римската империја од непријателите.  Реконструкцијата на  историските знаменитости се одвиваше под будното око на охридскиот археолог и директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Целокупниот проект го финансираше владата.

Свеченото отворање на новата културно историска знаменитост ќе се одржи во понеделник, 8 декември, Денот на Свети Климент Охридски. На свеченоста предвидено е да присуствува премиерот Никола Груевски.

Г. Момироски
Фото: Александар Ковачески