Денес, во рамки на проектот „Жените преминуваат граници за промени“ во организација на Локалната агенција за развој, во Струга ќе се одржи Обука за управување со време.


Во текот на обуката, учесничките ќе имаат можност да научат да ги препознаат уништувачите на ефикасноста, да ги анализираат истите и да научат како да се справат со нив. Цел на обуката е  и да се препознаваат непотребните работи и да се применуваат соодветни алатки за нивно отстранување. Со обуката ќе бидат опфатени неколку области, меѓу кои : Менаџмент со време и принципи на менаџмент со време, поставување на цели и придржување кон истите, планирање на времето и одредување на приоритети, техники за одредување на приоритети.


– Главната цел на проектот е да им се овозможи на невработените жени од Струга и  Вевчани, вклучувајќи ги и селата полесно да се снајдат на пазарот на труд, преку зајакнување на капацитетите на жените за вработување преку разни наменски  обуки, студиски патувања и прекугранични средби, велат од ЛАР. 

Во рамки на проектот предвидено е да се одржат вкупно 6 обуки до крајот на октомври. По завршувањето на првиот циклус обуки предвидена е посета на жените учеснички од Поградец, кои потоа ќе имаат можност да ја посетат Струга.

Проектот е поддржан од Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, а се реализира во соработка со организацијата Уне Груја од Поградец – Албанија. Проектот ќе трае до март 2012 година.

OhridNews