Инспиративни жени од академската заедница, дипломатијата, јавните институции, индустријата, како и од редовите на студентите и алумни заедницата денес преку нивните професионални искуства и лични приказни ја потенцираа големата вклученост на жените и девојките во науката. На настанот кој се одржа на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката беше потенцирано дека стреотипите оддамна се надминати, жените се повеќе ги има во науката, но и дека постојат сеуште одредени работи кои треба и може да се менуваат.

Со одбележувањето на овој ден сакаме да ја покажеме нашата подготвеност и сензибилизираност за вклучување на сè повеќе девојки и професорки во нашата институција, вели Мерсиха Исмајлоска, вонреден професор на Универзитетот, потенцирајќи дека на еден ваков ден ќе потсетат на нивната позиција и право, како и секој друг, да учествуваат во академскиот живот, онолку колку сакаат и колку можат.

УИНТ „Свети Апостол Павле“ следејќи ги своите политики за сè поголемо присуство на жените и девојките во науката, може да се пофали со скоро рамноправна поставеност на вработени жени наспрема мажи. На ниво на Македонија, исто, жените во академијата и наука се над 50% проценти. Меѓутоа, тоа не значи дека се е идеално. Тој процент е значително висок и споредено со други земји во светот е одличен. Меѓутоа, на едно посуптилно ниво, жените се соочуваат со прашања, на пример, за решавање на породилно отсуство или потешко напредување во кариерата на раководни позиции или мобинг заради својот пол и оние стереотипи со кои се соочуваме како општество, дека жената е онаа која треба да стои зад грбот на мажот или онаа изрека: „Зад секој успешен маж стои успешна жена“, што според мене е само клише, вели Исмајлоска.

Во моментов, посочува над 30% на Универзитетот се студентки и средината сè повеќе и повеќе се освестува за ова прашање.

Сè повеќе има стипендии баш за девојчиња и жени во науката. Тоа се стипендии на Гугл, на Мајкрософт, на Тесла, па дури и на автомобилската индустрија, кои сè повеќе финансираат жени. Баш пресудно е да си жена или студентка, за да можеш да аплицираш за една таква стипендија. Тоа го има и во Македонија. Значи, да, сè повеќе стипендии, сè повеќе обуки, дури и предност при некој семинар или некоја студиска група се дава на девојчиња. Минатата година ние доделивме и стипендии на наши студентки, баш на овој ден и баш предност имаа девојчињата, баш затоа што беа доделени на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, додава Исмајлоска.

Својата лична приказна и професионален успех на настанот ги сподели и амбасадорката на Кина, Џианг Сјаојан, која ја потенцираше важната улогата на жените и девојките, особено интернационално, и колку таа позиција треба да биде препознаена интернационално.

Кина доживува големи промени и девојките и жените се дел од тие промени и мора да бидат свесни за тие промени. Има кинеска изрека која вели: „Жените го крепат небото.“ Секако дека може да се работи на подобрување. На пример, прво, со креирање политики, треба да обезбедиме средина која ќе им даде на студентките и на жените еднаква можност да учествуваат во студиите, во истражувањата, во развојот на науката. И второ, можеме да ги оспособиме жените економски. На пример, еднаква плата за еднаква работа. А потоа, можеме да имаме зголемување на свеста на целото општество за да посвети повеќе внимание на развојот на жените и да обезбедиме еден вид систем за поддршка на студентките да бидат вклучени во науката и технологијата. Морам да акцентирам дека сме во соработка со Обединети Нации. Ќе ја искористиме таа соработка за да ја подобриме улогата на жените и девојките во науката во Македонија, додаде Сјаојан.

Како Универзитет којшто е во склоп на техничките науки, можам да кажам дека имаме одличен баланс помеѓу однос мажи спорема жени, со вклученост на околу 30% студентки коишто се запишани, што за технички науки е солиден и висок, вели Атанас Христов, проректор за наука и студии, посочувајќи дека голема е застапеноста и на жени во образованиот кадар на Универзитетот.

Стереотипите во однос на вклучување на жените во науката мислам дека веќе се надминати и нема смисла да зборуваме за стереотипи дали жените може да се развиваат подеднакво како мажите. Секако, имаме доста докажани студентки коишто успеале. Имаме наши Алумни коишто се на престижни фирми, коишто се вработени и студираат, се унапредуваат на престижни универзитети низ Европа. Шансите за успех се подеднакви за сите. Знаењата коишто ги нудиме ги прифаќаат подеднакво добро и мажите и жените, така да мислам дека сме солидни во таа смисла, додаде Христов.

Евгенија Пулеска, студент во трета година на Факултетот за машинска интелигенција и роботика на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид вели како жена во науката одлично се снаоѓа и не се соочила со одредени потешкотии.

Преку ваквиот настан оддаваме почит на жените кои низ вековите се мачеле да можеме ние сега да учиме и работиме и да испратиме порака дека на добар пат сме и дека треба да продолжиме така, затоа што сè уште можеби не кај нас, затоа што да речам сме народ којшто со векови бил угнетуван од други страни и малку имаме повеќе чувство за кој што треба да заслужува и кои се правата на луѓето општо земено, не само мажите или жените, ама има места нормално, каде што уште не е таа состојба постигната и да испратиме една порака и дека не е ништо заборавено, дека тука сме присутни сме, следиме и дека дејствуваме да оди на подобро. Има фондации коишто финансираат конкретно баш за инклузија и поголема присутност на жените во науките, во инжинерството, потенцираше Пулеска.

Инаку, Меѓународниот ден на жените и девојките во науката Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ го одбележува веќе шеста година по ред.

Истиот е воспоставен од Обединетите нации во 2015 година со цел промоција на родовата еднаквост и целосното учество на жените во науката, технологијата и иновациите.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска