Платите на жените во државава се за 17.5 проценти пониски од тие на мажите. Нивните бизниси се застапени само со 30 проценти и не е искористен потенцијалот со кој можат да ја подобрат состојбата во економијата, истакнаа учесниците на Третиот Самит за женско прерприемништво, што се одржува од денеска во Скопје.
Капацитетот на жените во бизнисот не е искористен затоа што помалку од 30 проценти се жени сопственици на бизнис, а помалку од 50 проценти жени се активни на пазарот на труд поради што мора да работиме на зголемување на нивниот капацитет како економски ресурс. Повеќето од жените се во микро и малите претпријатија, а многу малку во големите компании, што значи дека она што го работат жените е со мал обрт и со малку вработувања, рече Валентина Дисоска од Националната платформа на женското претприемништво.

На бизнисот, на економијата и се потребни квалитетите на жените. Поддршката и промовирањето на женското претприемништво ќе ја подобри севкупноста на конкурентноста, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Намалувањето на родовиот јаз е клучен за користење на потенцијалите на женското претприемништво во економијата, рече Битиќи истакнувајќи дека во буџетот за 2023 година е предвидена финансиска поддршка на женското претприемништво.
За 34.25 проценти е зголемен бројот на компании управувани од жени, што според министрот за економија Крешник Бектеши покажува дека мерките на Владата имаат поддршка, но тоа не е доволно и ќе следуваат нови активности и дополнителни финансии, согласно со укажувањата од претставничките на женските бизниси.

Самитот се организира како годишен настан на проектот „Национална платформа за женско претприемништво (НПЖП)“, кофинансиран од Европската Унија. Целта е да се зголеми видливоста и профилот на Платформата и придобивките што таа ги обезбедува за засегнатите страни и женското претприемништво.
Ќе бидат доделени три награди од Министерството за економија, за најуспешна претприемачка во микро, мали и средни претпријатија а Националната платформа ќе додели награди за најдобра млада лидерка и за најдобра граѓанска организација -добра практика.
OhridNews













