По информацијата објавена на OhridNews за згаснувањето на женскиот фудбалски клуб “Билјанини Извори“, на адреса од претседателот Јовче Попоски стигнаа неколку понуди од високи функционери во градот Охрид. Тој за момент ја повлекува одлуката за згаснување на клубот и на Охрид ќе му даде уште една шанса.



– Ја повлекувам мојата одлука за згаснување на клубот ЖФК “Билјанини Извори“ и на Охрид ќе му дадам уште една шанса за елитен фудбал. Овие денови не ми беше ни малку лесно кога сите играчи и пријатели на клубот констатно беа во контакт со мене и загрижени за иднината на клубот. Понуди има многу, а има и такви кои ни нудат целиот клуб да префрлиме во некој друг град –
рече Попоски.

Охридскиот фудбалски клуб “Билјанини Извори“ по првата полусезона се закити со титулата есенски првак во Првата лига.



– Ние фуриозно стигнавме до титулата есенски прваци во лигата. Уште пред почетокот на првенството најавував дека тоа ќе се случи. Сите трошоци за патувања на гостувања и финансиска обврска кон играчите паднаа на мојот грб, што беше премногу. Секој кој му мисли добро на клубот и фудбалот во Охрид, а кај кого не сме се обратиле, а имаат желба и можност да помогнат за да биде успешен проектот може да дојде во просториите од клубот сместени во СРЦ “Билјанини Извори“ –
заврши Попоски.

Поради новонастанатата ситуација ЖФК “Билјанини Извори“ го одложи првенствениот натпревар со Речица и ќе го одигра наредниот викенд.

Мх.П.