Жители од стариот дел на градот, од улицата Коста Абраш за вечерва на полноќ најавуваат мирен протест, поради, како што тие велат, перманентното нарушување на јавниот ред и мир и незаконското рабатење на ноќниот клуб Jazz Inn.

Според најавите, граѓаните со автомобили и прегради ќе блокираат дел од улицата Коста Абраш, приодите од страна на црквата Света Софија и Сараиште. Тие нагласуваат дека за време на петчасовниот протест нема да ги пропуштаат посетителите во клубот, освен месните жители и гостите кои престојуваат во околните куќи.

Сопствениците на клубот, ваквите обвинувања ги оценуваат како крајно неосновани и како тешка клевета.

Во текот на изминатите 17 години од работењето на клубот, не е случена ниту една тепачка, не е пречекорено определеното работно време, ниту пак се пушта прегласна музика. Доказ за тоа се извршените контроли  од страна на надлежните, од чија страна досега не е поднесена ниту една пријава во однос на нашето работење. Во целост се почитува и забраната за пушење, поради која посетителите за да запалат цигара излегуваат надвор. При тоа ние не можеме на јавен простор ним да им забрануваме гласно да зборуваат или да им кажуваме како да се однесуваат, потенцира Валентин Христовски, сопственик на клубот Jazz Inn.
 
Протестот ќе започне вечерва на полноќ и ќе трае до 5 часот изутрина.

Ohridnews