Жители на селото Песочан тврдат дека повторно се започнува со градба на Асфалтната база во атарот на месноста Царо Поле- Ново Село Општина Дебрца. Како што велат, градежните активности за изградба на Асфалтна база се во полн ек и покрај тоа што инвеститорот кој што е подизведувач на автопатот Кичево- Охрид сеуште ја нема потребната документација за изградба на базата, односно не поседува дозвола за градба.
– Сакаме да информираме дека нашето здружение на жители на Песочан поднесе писмена претставка до Државниот инспекторат за градежништо и општина Дебрца за изградба на нелегален објект на територијата на општина Дебрца, меѓутоа наведените институции сеуште не излегле на терен да констатираат- дали инвеститорот ги поседува потребните одобренија за градба на асфалтна база, која што доколку се изгради негативно ќе влијае врз животинскиот и растителен свет во овај дел на Дебрца. Местото за поставување на базите е до речното корито на реката Сатеска која што се влева во Охридското Езеро. Затоа ние како здружение писмено се обративме и до Регионалната канцаларија на УНЕСКО во Венеција од каде бараме интервенција кај наведените институции се со цел да не дојде до загадување на Охридското Езеро, се наведува во дописот на жителите на Песочан.
Оттаму, најавуваат дека доколку наведените институции не излезат на терен за да ја запрат градбата на асфалтната база, ќе се одржуваат секојдневни протести со неколку часовно блокирање на регионалниот пат Охрид- Кичево, а ќе ангажираат и правен застапник со цел понесување на одговорност за непостапување по пријава за нелегална градба на одговорните лица во општина Дебрца и Државниот инспекторат за градежништво.
OhridNews