-Кога почна изградбата во 2008 почнаа и првите оштетувања на мојот објект. Во 2010 почна да се распаѓа долниот дел од дворот, а со поставување на третата плоча почна мојата куќа да пука во средината, вели Стојна Бринквал.
Соседот Павел Филев вели дека ни во сон не помислил дека тука некогаш ќе биде зацртана маркичка за градба, затоа што надлежните го уверувале дека тоа е последниот слободен простор кој овозможува поглед на куќите од погорните редови на долниот амфитеатрален дел на градот.
– Но, овој план во 1995 година е изменет, а ние како граѓани не може се да следиме и не бевме информирани, а пост фостум не може да се смени ништо, истакна Филев.
Незадоволните граѓаните укажуваат дека не знаат кој е вистинскиот инвеститор, освен дека живее во странство, како и дека не се информирани што се гради тука бидејќи градилиштето не е обележано и нема информативна табла. Тие се обратиле до институциите, но посочуваат дека нивните одлуки не се почитуваат, затоа што и покрај забраната изречена од општинската градежна инспекција и од Основниот суд, градежните работи продолжуваат.
– По втор пат на 4.8. се донесе забрана за градба од Охридскиот суд, но никој не реагира. Каде да се обратиме ние не знаеме . Не знаеме ниту кој е надлежен овде бидејќи никој не се појавува, изјави Благородна Јосифоска.
Од Локалната самоуправа информираат дека за посочената локација општината согласно претходно добиените мислења на Заводот и Музеј и на Управата за заштита на културното наследство издала одобрение за градба, но сопственикот отстапил од урбанистичкиот план поради што му била изречена забрана. Оттаму појаснуваат дека општината сега нема надлежност да постапува во случајот, затоа што објектот се наоѓа во заштитено подрачје, што е под ингеренции на државните институции.
– Контрола сега треба да изврши Државниот инспекторат при Министерството за транспорт и врски и Министерството за култура, кои треба да утврдат дали инвеститорот отстапува или не од она што му е одобрено, бидејќи согласно измените во законот, за подрачјата кои се заштитени како културно наследство од посебно значење надлежностите од 8-ми април оваа година преминаа од локално на државно ниво.-изјави Бранко Арнаудоски, раководител на Секторот за урбанизам и заштита на животната средина.
Според Заводот и Музеј од Охрид, изградбата на индивидуалниот станбен објект во стариот дел на градот не го загрозува културното наследство, бидејќи под надзор на археолози биле извршени истражувања на просторот на сметка на инвеститорот кој се согласил старите градби да бидат презентирани во неговото дворно место. Оттаму велат дека има отстапувања во однос на првобитната локација, но инвеститорот претходно доставил анекс на проектот за кој добил дозвола, затоа што немало опасност од оштетување на археолошкиот локалитет.