Министерството за внатрешни работи реализираше уште еден случај на недозволена трговија со дрога при што е пресечен меѓународен канал за шверц на дрога од Р.Албанија до Р.Македонија, при што се запленети 135,5 килограми марихуана и пет килограми  хашиш и од слобода се лишени три лица, македонски државјани.

По претходно поставена заседа од страна на полициски службеници во близина на граничната линија со Грција, во близина на граничниот премин Богородица лишени  од слобода  се две лица од гевгелиско, а кај лицата пронајдени се пет патни торби во кои имало 136 пакувања со марихуана и две пакувања со хашиш). При лишувањето од слобода на едно од лицата, во бегство се дале уште 5 други лица кои се наоѓале во негова близина и истите сеуште се недостапни за органите на прогонот.

По пребарување на поширокиот реон на местото на настанот од страна на полициската патрола пронајдено е едно патничко моторно возило со бугарски (привремени) регистарски таблички кое било користено за транспорт на дрогата од лицата кои се лишени од слобода и за истото по извршени проверки е утврдено дека цол таблиците се од друго возило, додека пронајденото возило е во сосптвеност на 40- годишно лице од село Калишта,струшко кое во текот на денот е лишено од  слобода.

Заради целосно расчистување на случајот на подрачје на Струга извршени се два претреси и тоа кај лицето од Калишта при што не се пронајдени предмети од интерес на службата, и кај уште едно лице од село Франгово каде се пронајдени една ловна пушка, еден реденик со 15 патрони, една воздушна пушка и еден пиштол со кал.7,62 мм, три куршуми и три празни рамки. Запленетата наркотична дрога потекнува од Р. Албанија и истата преку Р. Македонија требало да биде пренесена во Р. Грција од каде би се транспортирала во земјите од западна Европа каде би достигнала вредност од околу 500.000 евра.

За сторено кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” против лицата од гевгелиско и лицето од струшко поднесена е кривична пријава, а од страна на судија на претходна постапка на пријавените им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.

OhridNews