Како поранешен Државен инспектор за животна средина и сегашен Градоначалник на Дебрца и жителите на општината, децидно сме против изградба на регионална депонија за цврст отпад на територијата на Дебрца, рече на денешната прес конференција градоначалникот Игор Трајкоски.

Меѓу причините кои ги наведе Трајкоски, е тоа што општина Дебрца е главно и најголемо сливно подрачје на Охридското езеро под заштита на УНЕСКО и споменик на природата, а истовремено е еколошки чиста средина без тешка индустрија, поради што е недозволива изградба на , како што рече, најголема фабрика за загадување на општината.

– Општина Дебрца е најмал создавач на отпад и недозволиво е ниту од економски, ниту од еколошки аспект да биде место за изградба на централна депонија. Согласно позитивните законски регулативи, досега немаме дадено било какво позитивно мислење, ниту пак Советот на Општина Дебрца има донесено одлука за изградба на ваква депонија, за што согласно Законот за управување со отпад за основање на регионална депонија носи одлука советот на општината. Како градоначалник согласно моите ингеренции ќе направам се што е во моја надлежност, да не се изгради оваа депонија, а поради очигледниот револт населението е подготвено преземе порадикални мерки согласно законите, како што се блокирање на патишта и протести, потенцира Трајкоски.


Градоначалникот на Дебрца и членовите на советот
се против изградаба на регионална депонија кај с.Годивје

Тој ги повика надлежните во Министерството за животна средина и просторно планирање да го стопираат започнатиот проект за изградба на регионална депонија во Општина Дебрца.

На прес конференцијата присуствуваа претседавачот и дел од членовите на советот кои исто така се изјаснија дека се против изградба на депонија во општина Дебрца. Против изградбата на депонијата се и жителите на Дебрца, кои исто така присуствуваа на прес конференцијата.

-Во еколошки чиста средина некој сака да направи депонија, тоа нема да може. Ние жителите на Дебрца се категорични против. Изворите на Сатеска се во ова подрајче. Не може да биде оправдување што кажуваат струшните лица дека земјиштето било непорозно и дека соодветно ќе се заштити. Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО и не смее да се гради во сливот на езерот, ние тоа нема да го дозволиме. Со ова како да сакаме и последниот жител да го избркаме од Дебрца. – истакна Крсте Блажески, претседател на Месната заедница на с. Врбјани, соседно село на Годивје.


Крсте Блажески

Жителите на Дебрца најавија дека ќе излезат на протести и со сите средства ќе се спротистават на најавите за изградба на регионална депонија во атарот на село Годивје.

OhridNews