Жители од селото Лескоец денес доставија иницијатива до советничката група на ВМРО- ДПМНЕ при советот на општина Охрид за разгледување на проблемот со водоснабдувањето во селото Лескоец. Тие побараа и да се преиспита даденото одобрение за превземање на водоводот во Лескоец од страна на МЈП Проаква, потпишано во 2008 година од страна на тогашниот претседател на Месната заедница.


Имено, жителите на Лескоец тврдат дека одобрението не било потпишано од страна на сите жители на селото, како и дека јавното претпријатие воопшто не ги исполнало условите наведени во склучениот договор при превземањето на водоводот.

Јавното претпријатие се обврза дека за една година во целост ќе го изгради новиот систем на кој ќе ги приклучи домаќинствата и дека ќе обезбеди трајно и квалитетно водоснабдување на селаните со вода за пиење. До денес, ние ги имаме истите проблеми- прекин во водоснабдувањето, но и повеќето домаќинства воопшто не се приклучени кон новиот систем, а при тоа добиваат сметки за потрошен авода од МЈП Проаква, а некои од нас се и тужени на суд поради неплатени сметки, велат жителите.  


Советот на Општина Охрид во 2008 година донесе одлука со која Општина Охрид го превзема водоводот од МЗ Лескоец и го отстапува на МЈП-Проаква-Струга. Со оваа Одлука МЈП-Проаква РЕ Водовод Охрид почна да врши користење, стопанисување, управување со водоводната мрежа и се обврза да обезбеди трајно и квалитетно водоснабдување на МЗ Лескоец со вода за пиење.

Т. Кувенџиска