Жителите на село Велмеј со жив штит, утрово, спречиле камионите на јавното претпријатие „Дебрца“, да го одложат отпадот во локалната депонија.На местото на настанот излегла и полицијата, а по извесен период жителите дозволиле возилата на јавното претпријатие да се вратат во својата база.

Од месната заедница информираат дека биле принудени на таков чекор, затоа што, како што велат, општината не ја испочитувала волјата на месното население, повеќе да не се депонира отпадот од Дебрца во депонијата кај селото Велмеј. 

Од месната заедница велат дека побарале средба со надлежните во локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие, но до неа не дошло.

-Ова не е прв пат жителите на Велмеј да протестираат против локалната депонија лоцирана веднаш над селото. Истата повеќе пати во текот на летото гореше и не беа преземени никакви мерки. Наместо да се бара решение за оваа „еколошка бомба“ од јавното комунално претпријатие ни беше кажано дека оваа локација е најдобрата во Дебрца за депонија. Зарем нивите на жителите на кои досега се одгледуваа најразлични земјоделски производи се најпогодно место за депонија? А да не споменуваме дека тука се наоѓа и каптажата од која селото Средорече се снабдува со вода – навистина погодно место! – се вели во соопштението што до медиумите го испратија жителите на с. Велмеј.

Жителите на Велмеј се надеваат дека брзо ќе биде решен проблемот, во спротивно најавија дека со жив штит ќе ги бранат сопствените интереси и нема да дозволат депонирање на отпад во атарот на селото.

OhridNews