Тие бараат ЕВН веднаш да ја приклучи електричната енергија во селото. Во спротивно најавија дека ќе ги радикализираат протестите.Според нив, електричната енергија намерно им е исклучена и тврдат дека жителите во Велешта редовно ги плаќаат сметките кон ЕВН.
– Доколку има такви кои не плаќаат постојат механизми како тие да се санкционираат и не треба поради нив да се исклучуваат и друѓите домаќинства, изјавија од месната заедница на Велешта.
Вчеравечер протест беше оддржан и пред подружницата на ЕВН во Струга.
Притоа, како што информираат од ЕВН, од страна на поголемата група жители од Велешта кои насилно влегле во подружницата во Струга биле искршени прозорци, разбиени врати и била уништена опрема.
Според ЕВН, без електрична енергија вчера останале 170 домаќинства во Велешта поради дефект на една од трафостаниците поради преоптовареност. При тоа, екипите на ЕВН биле спречени да го санираат дефектот и да го спроведат инцвестициониот проект на тоа напојно место, каде што е планирана целосна реконструкција на мрежата и дислоцирање на броилата, со цел да се подобри снабдувањето и да се среди хаосот кој го предизвикуваат несовесните корисници.
– На тоа место се регистрирани кражби на струја од 50 до 60 отсто. За овој проект се обезбедени сите потребни дозволи од локалната власт. По синоќешното демолирање, оневозможено е нормално работење на вработените во КЕЦ Струга, велат од ЕВН.
Оттаму додаваат дека поради кражбите и неконтролираното трошење на електричната енергија во снабдувањето со струја во Велешта се случуваат постојани прекини.Затоа, нагласуваат од ЕВН, е планиран овој проект за реконструкција на нисконапонската мрежа и дислокација на броилата со што ќе се воведе ред во снабдувањето и контролата на кражбите во ова населено место.