Јавна расправа ќе се одржи денеска по барањето за санирање на дрворедот на улицата „Кузман Капидан“ која води до Свети Климентовата црква на Плаошник, доставено од група граѓани, жители на улицата,  до градоначалникот, секретарот, советот на општина Охрид, инспекциските служби, како и до комисијата за преземање на мерки и активности за отстранување на дрва на територијата на општина Охрид.

Како што информираат од локалната самоуправа, во барањето било наведено дека дрвата се стари од 60 до 70 години, дека некои од нив се исушени, деградирани и енормно високи. Граѓаните навеле дека најголеми проблеми настанале минатата зима по обилните снежни врнежи, при што паднале повеќе гранки и оштетиле дел од покривите и олуците. 

Групата граѓани која се обратила до локалната самоуправа предложила да се исече целиот дрворед и да се засади нов, а целиот простор хортикултурно да се уреди, како и да се постават клупи и канти за отпад.

Јавната расправа ќе се одржи во 13 часот во големата сала на општина Охрид.

OhridNews