Претставници на Стопанската комора на Македонија, денеска ги посетија охридските компании „Жито Леб“ и „Леарница“,  кои, како што беше кажано се пример за успешно работење.



-Тука сме денес во услови на надоаѓање на големата криза која евидентно го погаѓа реалниот сектор. Ќе бидеме сведоци во наредниот период на многу поразителни бројки, тешкотии низ кои ќе поминат компаниите, и затоа сакаме да бидеме во овие моменти со нив да ги видиме конкретните проблеми да видиме што заеднички можеме да помогнеме, и во постојан дијалог со владата да најдеме начини и мерки да ги задржиме работните места и да го спречиме падот на производството. „Жито Леб“ и „Леарница“ се две успешни компаниии кои решиле на кризата да и се спротивстават со нови инвестиции и зголемување на извозот и продуктивноста, истакна Бранко Азески, претседател на Стопнакста комора на Македонија.


Сопственикот на „Жито леб“, Кире Колески, истакна дека компанијата на кризата гледа како на конкуренција на која треба да и се спротистави. Најголема помош од државата очекува во справување со нелојалната конкуренција која го загрозува работењето на компаниите.

Потребна е флексибилност од државата и помош пред се во елиминирање на сивата економија, да се почитуваат стандардите за храна кои се потребни на пазарот, истакна Колески, кој ја поздрави посетата на делагацијата на комората и медиумите на охридските фирми, што според него ќе биде поттик за нивна натамошна успешна работа.


Во услови на криза „Жито Леб“ го прошири своето производство и асортиман, и речиси двојно го зголеми бројот на вработени од 130 на 250. Бранко Ристески менаџер на „Жито леб“  информира дека во 2011 реализирани се два големи проекти за проширување на пазарот во земјата и странство.

-Првичната инвестиција беше во доопременување на прозиводството со автоматизирани и полуавтоматизирани процеси и излегување на скопскиот пазар, купување на сопствена мрежа на ланец млечни ресторани. Во првата половина од 2011 реализирана е инвестиција купување 15 продажни објекти во Скопје, проширување на сопствени млечни ресторани и во средина на 2011 купување на брендот „апетисимо“ на„Жито лукс“ со целата опрема, смрзната програма на прозиводи која дозволува проширување на пазарот во Македонија, но и  надвор, рече Ристески.


„Жито Леб“  годишно произведува до 1,8 милиони килограми тесто и преработува 1500 тони брашно. Компанијата веќе е присутна на пазарите на Балканот, а во тек се преговори за извоз во Германија.

Со претпазливо и домаќинско работење и со рационализација на трошоци и внимателно работење може да се опстои во време на криза. Неминовно беше да преземеме чекор или да се прошируваме или да затвориме. Ние се одлучивме претпазливо и без поголеми ризици да инвестираме, да напредуваме и досега сме задоволни, ризикот го држиме под контрола, додаде Ристески.


Претставниците на Стопанската комора денес ги разгледаа капацитетите на  „Жито Леб“, и се запознаа со работата на „Леарница“. Попладнево УО на Стопанската комора во х. „Метропол“ во Охрид ја одржува 14 седница.

Г. Момироски