„Живот“ или борба за егзистенција. 50 денари дневен промет и повеќе од десет часа работа по охридските улици. Вака започнува и завршува еден работен ден на наш сограѓанин, еден од многуте кој својата корка леб ја заработува чистејќи чевли и обувки во централното градско подрачје.
Како што тој вели, пред 25 години работата ја наследил од својот родител. Некогаш се заработувало пристојно, денеска само за парче леб.
„Веќе 25 години како сум по градскиве улици. Од утро до вечер. Занаетот го наследив од мојот татко. Порано се заработуваше, колку за лек ќе имаше. Денеска остануваме на милоста на минувачите. Бар еден леб ќе се извајт денот.“ – вели нашиот соговорник.
Четки стари две децении, пари се нема ниту за боја
Четките кој овој охриѓанец ги користи при чистење на чевлите се стари повеќе од две децении. Како што објаснува, пари не стигнуваат ниту за нивна промена, ниту за боја.
„Овие се купени од мојот татко и такви се останати. Целите се изабени, оштетени и истрошени. Но пари не стигнуваат за нови. Неоддамна поставив и вага, како дополнително би заработил дестина, дваесет денари.“ – објаснува охриѓанецот.
Не се заработува ниту летно време
Иако за многумина летото во Охрид претставува период во кој може дополнително да се заработи, за чистачите на обувки тоа не важи.
„Летно време, туристите се шетаат по влечки. Скоро и никој да не застане тука. Младите ги следат модерните трендови и носат патики. Ако нешто може да се заработи плус, тоа е во зимскиот период.“ – вели нашиот сограѓанин.
Во Струга поисплатливо за разлика од Охрид
Низ струшката чаршија можат да се забележат повеќе чистачи на чевли, кои на еден начин ги продолжуваат ретките урбани професии од минатите векови.
„Во Струга има околу пет фамилии кои се занимаваат со чистење на чевли. Но таму може да се заработи повеќе. Особено во летниот период. Оние печалбари кои се враќаат во градот, оставаат бакшиши, а повеќето од нив носат кондури. Затоа, според мене, поисплатливо е таму, отколку тука. Во Охрид, изумре овој занает.“ – вели нашиот соговорник.
Првите чистачи на чевли на почетокот од 19-тиот век
Како што неоддамна објави Њујорк Тајмс, а пренесе „Окно“, појавата на чистачот на чевли датира од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. Во суштина, истата претставува еманципирање на градот, односно на самите граѓаните.
„До неговото преземање, грижа за убавиот изглед на обувките на граѓаните, за хигиената на чевлите, како и за севкупната останата хигиена кај племството, подоцна и кај богатата буржоазија, се грижеле личните слуги. Во таа смисла, излегувањето на чистачите на чевли на улиците не значи ништо друго, туку меѓник меѓу старото прединдустриско време и новата епоха.“ – пишува „Окно“.
O.T.












