Животот сурово си поиграл со 43 годишниот Ристе Јованоски. Тој е глувонем и живее сам во трошна куќа во напуштеното село Шипокно сместено на повеќе од 1000 метри надморска висина на планината Галичица.Оттука се пружа прекрасен поглед на белото езеро и градот, но од убавина не се живее. За да стигне до Охрид Ристе мора да пешачи со часови низ планината во секакви услови

-За надолу ми е поблиску можеби за половина час ќе се спуштам, но за нагоре е потешко 45 минути до еден час ми требаат да се качам. Кога врне дожд или снег е многу  тешко. 45 минути имам само до местото каде застанува автобусот, потоа чекам автобус за да одам во град.-вели Ристе.

Неодамна тој останал без работа бидејќи специјализираната фирма во која работел се затворила, па тој не знае како ќе ја преживее зимата која доаѓа. 

-Сега ми завршува технолошкиот вишок, од бирото земав 3000 денари, за во иднина не знам што ќе правам, потежок ќе ми биде животот. Купувам само леб и некои најобични ситници, за друго немам. Доаѓа зима, како ќе останам сам во оваа планина? Најважно е некаде да сум поблиску до градот, да имам подобри услови за живот и да најдам работа. Ќе се обратам до Центарот за социјална работа да прашам што треба за да добивам социјална помош.-истакна Ристе.

Ристе живее самотен живот, откако неговата мајка која се грижела за него починала пред 4,5 години. Блиските ретко го посетуваат, а во селото само на лето доаѓа по некој човек. Единствен пријател му е малото кутре за кое се грижи. Со него дели се’.

-Што имам јас за јадење, јаде и тоа.-рече Ристе.

Во куќата има стар шпорет на дрва на кој готви и мало ќумбе на кое се грее во скромната соба каде живее. Другата соба му служи како остава, но стравува дека секој момент може да се разруши бидејќи ѕидовите и таванот се напукнати.

Во куќата на Ристе нема апарати за домаќинство, а слабата струја е доволна само за сијалица. Згора на тоа на сметката редовно му доаѓа надомест за улично осветлување, кое на местото каде живее не постои. Голем проблем му претставува и тоа што во селото нема ни вода за пиење, па мора да оди да полни од извор во планината.

На зима изворите имаат повеќе вода, на лето многу малку. Не е многу далеку 1 колометар има до изворите, во канти полнам вода за пиење потоа ги носам дома. Чистата вода ја чувам за готвење и за пиење, а дождовницата ја чувам нешто да измијам. – раскажува Ристе.

Покрај хендикепот, Ристе сам мора да се снаоѓа и бори со здравствените проблеми, затоа што до селото нема асфалтиран пат по кој може да пристигне помош, која сега нема ниту како да ја побара.

– Имам мобилен ќе напишеш порака ама кој ќе дојде да ти помогне. Сега мобилниот ми е исклучен немам пари да го плаќам. Немам никаков контакт. Порано одев стално на котрола имам тромбоза, сега немам пари и не можам да одам на доктор, седам дома што да правам.-вели Ристе. 

И покрај тешките услови Ристе Јованоски ги сака убавите работи во животот кои ги има многу малку. Тој не ги пропушта дружењата со членовите на Здружението на глуви и наглуви во Охрид кои се одржуваат секој четврток, иако на средбата мора да пешачи со часови сам ноќе по планина. Единствена желба му е институциите и добрите луѓе да му помогнат да најде работа за да може да си обезбеди било каков топол дом во градот, за да има достоинствен, човечки живот. Таква ни беше и разделбата со него, полна со надеж дека некој ќе го чуе „гласот“ за помош на Ристе, кој на јазикот кој го користат глувонемите ни ја раскажа својата трогателна приказна.

Горан Момироски
[email protected]