Несомнено дека новиот бран поскапувања дополнително ќе го оптоварат и така кревкиот буџет на македонските граѓани. Само во овој месец, покачени се цените на електричната енергија, цигарите, патарината и регистрацијата, а многумина стравуваат дека јулскиот ценовен бран ќе влијае и врз цените на производите во прехранбената и млечната индустрија.
Јулските сметки за потрошена електрична енергија ќе бидат повисоки за 3,47 отсто, дел од цигарите веќе се продаваат по нова цена, додека на последната владина седница, покрај поскапувањето на патарините, одлучено беше да се зголемат и трошоците за регистрација на автомобилите.
„Секоја година се нешто поскапува, само платите остануваат исти. Струјата е прескапа, цените на производите високи. Како да се преживее со реалните примања. Упорно кажуваат дека просечната плата изнесува приближно 350 евра, но голем дел имаат примања половина од тоа.“ – реагираат охриѓани.
Пензионерите не се запознаени со поскапувањата?
Дел од пензионерите, од кои успеавме да добиеме мислење околу новиот бран поскапувања, не се запознаени со новото ценовно „цунами“. Како што велат, иако секојдневно ги пратат дневниците по националните медиуми, сепак деновиве воопшто не слушнале за покачувањата.
„Редовно гледаме телевизија, пратиме вести, но освен за покачувањето на струјата, не сме чуле друго ништо. Можеби ние како повозрасни немаме толку трошоци, но имаме деца, внуци кои треба да живеат во оваа земја. Како би им помогнале, ако цените продолжат да растат, а платите останат исти?“ – прашуваат дел од охридските пензионери.
Нов бран поскапувања на производите во септември?
Дел од експертската јавност смета дека повисоките цени на електричната енергија ќе повлечат нови поскапувања, бидејќи енергенсите се главен инпут во производството.
„Зголемените трошоци по основ на поскапата струја ќе ја зголемат цената на чинење на производството, а со тоа и цената на крајниот производ. Овие поскапувања што почнаа во јули ќе кулминираат во септември, кога производите се вградени импути, односно пресметани зголемени трошоци, ќе се продаваат по цени повисоки за 5 проценти. Сега, овие неколку летни месеци производителите ги трошат залихите и можно е да не се почувствува тој бран, но веќе на есен производството ќе работи со нови трошоци кои ќе мора да бидат пресметани во крајниот производ.“ – вели за „Порталб“ универзитетскиот професор Сами Бислими, пренесува „Шеталиште“.
На четиричлено семејство потребни му се 522 евра?
На едно четиричлено семејство во јуни 2014 година му биле потребни 32.056 денари или околу 522 евра за да ја покрие минималната синдикална потрошувачка кошничка.
Според пресметката на Сојузот на синдикати на Република Македонија за обезбедување на основните намирници и потреби, од семејниот буџет во шестиот месец од годинава требало да се издвојат: 13.483 денари за „Исхрана и пијалоци“, 10.215 за „Домување“, 2.186 за „Хигиена“, 2.339 за „Превоз“, 2.084 за „Облека и обувки“, 1.070 за „Култура“ и 672 денари за „Одржување на здравје“.
Просечната нето плата 21. 175 денари
Според последните пресметки на Државниот завод за статистика просечната нето плата во Република Македонија изнесува 21.175 денари.
Охриѓани масовно се иселуваат во странство
Дека економската состојба во Охрид не е воопшто поволна, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика околу бројот на охриѓани кои во потрага по подобар живот се одлучиле да го напуштат родниот град.
Според објавената Публикација за миграција од 2013 на Државниот завод за статистика, во текот на 2012 година, од „Бисерот на Балканот“ се отселиле вкупно 1296 охриѓани, од кои 983 во странство, а останатите во најголем број за место на живеење го избрале главниот град на земјава. 1069 лица од Охрид се отселиле во 2011 година, додека пак во 2010 и 2009 Охрид го напуштиле вкупно 1478 лица.
O.T.