Охридскиот градски кеј повеќе нема да се вика „Маршал Тито“ бидејќи од денес го доби името „Македонија“. Ова преименување се должи на Предлог Одлуката за утврдување на листа за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Охрид, која денес по жолчна и жестока расправа ја усвои Советот на општина Охрид.
Советниците на опозицијата кои на почетокот на седницата побараа повлекување на оваа точка од дневен ред, гласаа против ваквата одлука.
-Нашиот став како советничка група ние го кажавме на почетокот на оваа седница кога побаравме повлекување и одлагање на оваа точка од дневен ред бидејќи сметавме дека оваа точка е историска и за многу луѓе ќе значи раскрстување со одредена идеологија, меѓутоа за многу луѓе ќе значи и повреда на нивните животни принципи со тоа што припаѓале историски гледано на одредена држава, а тоа е во овој момент државата Македонија, која што и за нас е држава, рече Стојаноски на говорницата пред советниците.
Тој истакна дека не ја поддржуваат промената на името на кејот од идеолошки причини кои што СДСМ како партија ги има во континуитет.
-СДСМ никогаш нема да биде против името Македонија и никогаш нема да го каже тоа дека со употреба на името Македонија ние сме поголеми патриоти. Името Македонија е и за нас свето, бидејќи ние сме се определиле да живееме во оваа држава. Меѓутоа ние сме и почитувачи на ликот и делото на Маршал Тито бидејќи тој е историска личност со голема контрибуција во равојот на Македонија како самостојна држава и благодарение на таа 1944 година и АСНОМ ние имавме право да се издвоиме и да станеме самостојна држава и денес да ја имаме и браниме таа држава, но не со ваков патриотизам, истакна Стојаноски.
Покрај него со слични излагања и ставови на говорницата се изјаснија и уште неколку други опозициски советници по што свое обраќање имаше и Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кој истакна дека е изненаден од фактот што се отворила толку голема дискусија за името „Македонија“.
-Мислев дека оваа расправа во првата минута ќе заврши, дури мислев дека нема да има нешто такво, туку дека само со акламација ќе се презентира поздравување на оваа иницијатива. Внимателно ги следев сите дискутанти до сега и за жал не можев да поверувам ни на своите очи и на своите уши дека ова се случува дури и се мислам дали има претставници од серијал на Скриена камера и ги гледаат дискусиите овде. Навистина не се шегувам. Јас добив впечаток дека овдека локалната самоуправа даде предлог за смена на името Кеј „Маршал Тито“ во Кеј Адолф Хитлер, Бенито Мусолини, Садам Хусеин, Муамер Гадафи, Хосни Мубарак, Пиноче. Од овие дискусии јас таков впечаток добив, вакви жолчни расправии за името „Македонија“ мислам дека ни во моите соништа не можев да очекувам дека ќе ги слушнам, рече меѓудугото Бакрачески.
Тој во своето обраќање направи еден подолг исторсиски осврт на идеологијата за Тито и потецираше дека според сите релевантни историски извори тој е прогласен за диктатор.
-За среќа во едно демократско општество како што е македонското, луѓето имаат можност да користат и други извори на информации вклучително и историски факти пред се од релевантни светски извори, кои многу подобро ја разбираат историјата на Втората светска војна и период по 1945 година и во кои извори за Тито се пишува дека бил диктатор и тоа насекаде. Доволно е еден порелевантен извор да користите, на пример Историкиот канал на ББС. Барем една емисија да погледнете за која се зборува за повоениот период, каде што се спомнува името на Вашиот Маршал Тито и да сватите за каков диктатор станува збор, објаснуваше Бакрачески.
Инаку на денешната седница пред советниците расправаа и за уште 39 точки на дневниот ред од кои 3 беа додадени како дополнителни.
Е.М