Под влијание на топла воздушна маса од Африка, во Македонија денеска ќе преовладуваат екстремно високи температури, кои на места ќе достигнат и до + 40 степени Целзиусови.
Според најавите на синоптичарите територијата на Македонија денеска ќе ја зафати топлотен бран од жолта фаза, а во југоисточниот регион, се предвидува топлотен бран од портокалова фаза, што е опасен по здравјето на луѓето.
Со очекувани 32 степени, Охрид ќе биде најсвеж град во земјава.
Министерството за здравство препорачува во регионот кој ќе биде зафатен со топлотниот бран од портокалова фаза, работодавачите, да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години.
„Се препорачува на работодавците во овие денови да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работаат на отворено со тоа што ќе се одбегнуваат активности во периодот од 11 до 16 часот. Се препорачува на установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот. Се препорачува на единиците на локална самоуправа, Црвен крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи, поактивен пристап и помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници“, се вели во препораките на Министерството за здравство .
За останатите региони остануваат на сила општите препораки, во текот на екстремно топлите денови да се остане во затворени простории, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
Се препорачува да се носи светла и лесна облека, заштитни очила и капа, да се користат креми со висок заштитен фактор, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци, а хроничните болни редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
За да се избегне труењето со храна се препорачува миење на зеленчукот и овошјето пред употреба, термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката и избегнување на производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.