Процентот на случаи на семејно насилство во Охрид е висок, но мал е бројот на жртвите кои го пријавуваат. Најчесто тоа е поради срам од околината, страв од насилникот, а во најголемиот број случаи поради економската зависност на жртвата, велат од Координативното тело за семејно насилство.

За непријавување на случаите на семејно насилство придонесуваат  и недостатоците во формите и системите на заштита, пред се во однос на нивната имплементација, зајакнувањето на формите на заштита и казнувањето на сторителите, вели Олгица Апостолова, член на Координативното тело.

Најчести жртви на семејно насилство се жените, но и децата кои често се јавуваат како секундарни жртви. Забележани се и случаи на семејно насилство во кои како жртва се јавува мажот.

Ваквите случаи се пријавуваат во Центарот за социјални грижи или евентуално во Секторот за внатрешни работи. Во просек, во период од три месеци, се регистрираат по десет пријавувања на семејно насилство.

По пријавата се разговара со жртвата и се проценува степенот на насилство. Доколку жртвата се согласи и се обезбедува друго сместување во времетраење од три месеци со можност за продолжување од уште три. Се прават и обиди преку разговор да се влијае врз насилникот да престане со насилството, велат од Центарот за социјални грижи.

Жртвата има можност и да поднесе кривична пријава против насилникот, која потоа се спроведува до Основниот суд.

Се случува често пати жртвите по одреден период од пријавувањето да ги повлечат тужбите против насилникот, со тоа прекинува понатамошното гонење. Проблемите произлегуваат и од тоа што повеќе внимание и се посветува на жртвата од колку на казнувањето и превземањето мерки против насилникот , сметаат од СВР- Охрид.


Со цел да се охрабрат жртвите да го пријавуваат семејното насилство и разрешување на проблемите околу казнената постапка , денес се одржа состанок на Координативното тело за семејно насилство. Присуствуваа претставници на релевантни институции кои работаат во сферата на семејното насилство, меѓу кои од Центарот за социјални грижи, СВР, невладини организации и образовни институции. 

Т. Кувенџиска