По направените обдукции врз телата на убиените кај Смилковци, на телата на жртвите не се најдени друг вид повреди освен прострелните рани, изјавија специјалистите од Судска медицина Билјана Јаневска и Златко Јаќовски, кои го вршеле вештачењето,пренесеува „Макфакс“.

Според наодите на Судска медицина, не се забележани повреди нанесени пред или по настапувањето на смртта. Тоа покажува, според експертите, дека жртвите не биле претходно малтретирани. Скршениците на вилицата и на ногата кај некои од жртвите, биле предизвикани од проектилите со коишто било пукано кон нив .

„И тие скршувања што се најдени кај некого на вилицата, кај некого на рбетот се скршувања затоа што каналот на огнострелната повреда поминувал од таму. Не сме нашле траги дека биле врзани. Такви повреди не се најдени, сите повреди се од огнострелните рани“ изјави Билјана Јаневска, специјалист по судска медицина.

Некои од жртвите биле убиени од непосредна близина, додека за некои се чека целосно исушување на облеката за да може да се утврди од која далечина било пукано во нив.

Кај сите жртви најдени се по неколку прострелни рани, во грбот, главата и градниот кош. Пронајден е само еден куршум во телата на егзекутираните, што ги потврдува сомневањата дека злосторниците употребиле оружје со голема моќност.

Од таму не можат да кажат од која страна било пукано врз убиените, од задната или од предната.

„Секој од починатите има по неколку огнострелни повреди и конечно за динамиката на самиот настан каде кој стоел и од каде е пукано, такво мислење даваме заедно со балистичарите. Има и од задната страна на телата има на грбот на градниот кош и од лево и од десно, нема една строга дефинираност со еден правец на протегање“ рече Јаневска.

Вештачењето го направиле три екипи со над 10 лица. Обдукцијата била направена по европски стандарди и е обезбедена фотодокументација и материјални докази за второ мислење.

Во четвртокот вечерта кај езерото во атарот на скопското село Смилковци, беа убиени Александар Наќовски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Филип Славковски на возраст од 18 до 20 години од скопската населба Радишани и 45-годишниот Борче Стефковски од село Црешово додека ловеле риба на езерото кај Смилковци. Сé уште не се познати мотивите за ова грозоморно злосторство.

OhridNews
извор: „Макфакс“