Охридските жени зад себе оставиле огромно културно богатство-  рачно изработените носии, плетени и ткаени ракотворби кои се само дел од ризницата која треба да се сочува. Со оваа цел членовите на Женскиот центар Бисера го започнуваат проектот  “Ракотворбите од бабиното ковчеџе” одобрен и финансиран од Секторот за локален економски развој и туризам при општина Охрид, кој ќе се реализира во наредните четири месеци.


–  Женски центар Бисера одлучи да го отвори ковчеџето на баба за да ги покаже пред туристите и интитуциите бројните рачно изработени ракотворби, кои ги изработувале нашите баби, мајки па и самите ние, а со цел да ја подигнеме свеста и  поттикнеме да се заштити и сочува ова богатство од исчезнување, истакна претседателот на ЖЦ Бисера, Наде Мартиноска.


Како што беше кажано на денешната прес- конференција, во рамки на проектот, предвидени се предавања и работилници на тема “Културната ризница- историја на душата” кои ќе ги држи дипломиран етнолог,  по што ќе следи и практична изработка на ракотворби.

– Практичниот дел ќе го водат жени едукатори кои ќе го пренесуваат своето знаење на околу 40- на млади жени од Охрид и руралните средини. По завршување на практичниот дел ќе биде организирана и изложба со продажен карактер, информира координаторот на проектот, Силвија Попоска.

OhridNews