Иако октомври е со нешто повисоки температури од вообичаените, сепак кај граѓаните останува дилемата – на кој начин ќе се греат во претстојната зимска сезона. Струјата е се поскапа, за греење со нафта и нафтени деривати повеќе никој не размислува, а на пазарот се појавува недостиг на огревно дрво.
Според некои стручњаци се предвидува остра и долга зима, со многу ниски температури, но од друга страна, некои експерти за временските прилики, тврдат дека зимата нема да биде така студена и долга.
Граѓаните на Охрид, сепак, колку толку, се подготвени да ја дочекаат зимата, но останува прашањето како поекономично и подобро да се загреат становите или индивидуалните куќи.
Според повеќето граѓани, во време на беспарица, греењето на дрва е најдобро и најекономично. Дел од граѓаните навреме се снабдени со огревно дрво но други се во исчекување.
-Да, има проблеми- вели револтиран охриѓанец, кој тврди дека во Шумското стопанство “Галичица” уплатил дрва но го известиле дека “ќе му ги вратат парите бидејќи немало доволно дрва”.
– И да ми ги вратат парите што ќе правам после и со што ќе се греам – изјави граѓанинот кој сакаше да остане анонимен.
Тоа беше причина да го посетиме стовариштето на Шумското стопанство во Охрид, каде не беа многу расположени за разговор и давање информации. На нашето прашање дали ќе има доволно дрва, не добивме одговор. Сепак во дирекцијата ни рекоа дека за разлика од лани, цените се намалени за 10 односно 20 проценти. Така, за физичките лица, кубниот метар на дабот е 2207,90 денари со купување на најмногу 14 кубици. За социјалните случаи во однос на лани цените се за 20 проценти пониски, но количините се ограничени на 5 кубни метри даб или бука. За социјалните случаи задолжителна е потврда од центарот за Социјална работа.
Други граѓани со кои разговаравме велат дека “им е преку глава секојдневното носење и цепење дрва и исто така секојдневно изнесување на пепел”. А, да не се заборави и задолжителното варосување секоја година, па се одлучуваат за “почистата” варијанта на греење на струја.
“Имам централно греење, порано беше со нафта, но сега е на струја – истакнува Зоран Јовановски.
-Нафтата е прескапа, затоа се одлучив на оваа варијанта. За сега е добро, но стравувам од поскапувањето на струјата. Имам мали деца и постојано куќата мора да биде топло. Колку чини, нека чини – додава Јовановски.
Милан Костовски од Охрид својот стан од шеесетина квадрати го грее со клима уреди. -Во зимските месеци сметките за струја речиси се астрономски. Сега ја нема ни евтината тарифа, па оваа зима очекувам за греење да ми оди половина од платата.-вели Костовски.
Во Охрид постојат и котларници за станбените згради, но факт е дека некои од нив не работат веќе 20тина години. Добар дел од инсталациите, пак, се украдени или не можат да се стават во функција.
Граѓаните се повеќе се одлучуваат за новиот вид на греење со пелети, што е еколошки чист и мошне ефикасен производ. Од компанијата за производство на пелети “М-пелети Опеница”, истакнуваат дека е се поголема побараувачка за нивниот производ, бидејќи се покажал како најекономичен и најисплатлив. Потенцираат дека еден тон пелети заменува 4 метри кубни огревно дрво. За тон пелети треба да се издвојат 200 евра, додека цената на камините за пелети се движи од 500 евра па нагоре.
Кога се работи за еколошки најчистата енергија – сончевите колектори, треба да се каже дека мал број на граѓани се одлучуваат за овој вид на греење. Охрид има речиси 250 сончеви денови во годината, така да, оваа погодност би морала што повеќе да се искористи.
Радува што последните неколку години и дел од градежните компании, на греењето му посветуваат исклучително внимание. Користејќи ги искуствата од Европа и пошироко, во Охрид се градат објекти со добра термо-изолација т.н. енергетски ефикасни згради. Овој вид на градба се повеќе го применуваат и граѓаните кои градат индивидуални куќи. Оваа инвестиција е долгорочно најисплатилива.