Центар за култура „Григор Прличев“

Од 24.12.2022 - 19:00 до 24.12.2022 - 20:30

Идејно решение на плакат: Филип Коруновски
Идејно решение на плакат: Филип Коруновски

На 24 декември во центарот за култура „Григор Прличев“, во продукција на OhridNews, ќе се случи шестото издание на културно-забавниот настан „Зимска бајка“, која ги носи големите хитови од седмата уметност во специјален аранжман и изведба на бенд составен од врвни музичари од Охрид и извонредниот вокал Емилија Коловска, придружувни од хорот Вокс Лихнидос. Манифестацијата ќе биде зачинета со креативен хумор за кој традиционално се задолжени познатиот стендап комичар Никола Тодороски и професионалниот актер Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“, кои премиерно ќе изведат авторски материјал ексклузивно подготвен за „Зимска бајка“.

Шоуто ќе биде збогатено со визуелни ефекти од лабораторијата на „Кумев брадрс“ и концертен звук за кој ќе се погрижи „Лабино саунд“. Сцената ќе ја аранжира „Импакт груп“, а зад неа десетици волонтери и логистика ќе се погрижат настанот да мине во беспрекорен амбиент.

Дел од влезниците се резервирани за соработниците, помагателите и поддржувачите на манифестацијата, како и за благородна мисија на лајонс клубовите од градот, а остатокот, во ограничен број, ќе бидат пуштени во продажба по цена од 500 денари во „Топ маркет“ кај стариот Чинар во сабота, 17 декември точно на пладне. Вип содржина ќе имаат дел од ложите, по претходна резервација.

Генерални покровители на „Зимска бајка 2022“ се АСП ПАК и Пе Логистик, а настанот е поддржан од Општина Охрид, како и од помагателите: ОДВ Елетрик, ПАП, Инклузив, Хотел Чинго, Печатница Коста Абраш, Трпе Инвест, Топ Маркет, Оригинален Охридски бисер Филеви, Стоматолошки центар Д-р Баткоски и Виа Фарм аптеки, К груп, Дигитал бокс и други.

Дел од атмосферата на последната „Зимска бајка“ во 2019 година

Непосредно пред Нова година, во издание на OhridNews, ќе биде промовирано печатеното издание на Годишната ревија на настани, која бесплатно се дистрибуира до читателите. На гала настан во Кадмо бар, кој ќе се емитува во живо на социјалните мрежи и на нашиот портал, ќе бидат доделени признанијата на најуспешните приказни во Охрид во 2022 година.

Г. Момироски