Папагалите и златните аквариумски рипки се најчестите домашни миленичиња кои охриѓани ги чуваат дома, но во последно време значително е зголемен бројот на семејства кои одгледуваат мачки и кучиња. Трговците со миленичиња велат дека неретко во домовите низ Охрид може да се најдат и морски прасиња, зајчиња, хрчаци, желки и глувчиња.
-Општо интерес за одгледување на миленичиња во Охрид постои, а охриѓани сакаат да чуваат миленици. Од акваристиката нејчето се чуваат златните рипки, кои може да опстанат во мала кугла без посебни филтери и греачи, но често имаме и муштерии кои имаат луксузно опремени аквариуми , во кои чуваат голем број на најразлични видови рипки. Од папагалите најзастепени се малите папагалчиња-тигрици, кои ги има во најразлични бои, велат од специјализираната продавница за миленици ,,Сирена”, која е единствената од ваков вид во Охрид.
Оттаму објаснуваат дека заинтересираноста за акваристика и папагалчиња се должи на фактот што овие миленици се најевтини и наједноставни за одгледување.
– За акваристиката поголем влог има само за опремата на аквариумот, а потоа храната е релативно евтина. На пример цената на храната, за добро населен аквариум чини од 50 до 100 денари месечно, истото важи и за птиците, и за нив храната е евтина. Што се однесуав пак за кучињата и за мачките храната е нешто поскапа, но тоа пред се зависи од желбите и можностите на сопствениците, значи има сопственици кои купуваат од најскапата храна, но има сопственици кои ги хранат милениците со домашно приготвена храна или со остатоци од храна, велат од продавницата ,,Сирена”.
Оттаму нагалсуваат дека до сега охриѓани не прoјавиле интерес за одгледување на егзотични миленици како што се игуани, змии и пајаци, затоа што истите се доста скапи за набавување и чување.
Охридските ветринари, велат дека во Охрид најчесто се одгледуваат помалите раси на кучиња, но во последно време голем интерес постои за одгледување на кучиња од расите Лабрадор, Златен ритривер и Сибирски самојед. Од видовите на мачки најчесто се одгледуваат домашните мачиња, персиските и ангорските мачки. Ветринарите ги советуваат сопствениците да обрнат поголемо внимание на здравјето на милениците и редовно да ги вакцинираат.