Финансиските средства кои оваа година се издвоени од Министерството за култура за реализација на програмата на НУ Завод и Музеј Охрид се значително повисоки во однос на минатата година. Вкупната сума која Министерството за култура ја издвои за реализација на проектите од 2022 година изнесува нешто повеќе од 12 милиони денари, а тоа е за 4 милиони денари повеќе од 2021 година.
Проектите од областа на заштитата на недвижното културно наследство од програмата на НУ Завод и Музеј Охрид се финансирани со 10.580.000,00 денари, за музејската дејност се издвоени 1.313.000,00 денари, а за галериска и меѓународна дејност се одобрени 340.000,00 денари. Со Годишната програма е предвидена реализација на вкупно 30 проекти, информира директорот Мишко Тутковски.
Во годишната програма, додава Тутковски има голем број на проекти кои ги опфаќаат сите дејности на нашата установа, а тоа се конзерваторско-реставраторски активности на недвижно и на движно културно наследство, изработка на проекти за конзервација, археолошки истражувања, тековно одржување на локалитетите, музеите и предметите во збирките, доопремување на конзерваторските лаборатории и на музејските поставки, откуп на етнолошки предмети, изложби на современа уметност, како и организација на една меѓународна школа.
Финансиската подршка од Министерството за култура е исклучително важна и неопходна за реализација на сите проекти на Завод и Музеј – Охрид. Нашата установа има и дополнителен прилив на финансиски средства кои доаѓаат од посетителите на локалитетите и музеите, но, со тие средства може само да се кофинансираат одредени проекти или истите да се искористат за подобрување на условите за работа. Во секој случај, сопствените приходи не се доволни за самостојно финансирање на проектите од Годишната програма, додава Тутковски.
Н.С.Ј.












