Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) очекува јасен став од Владата за декриминализација на клеветата, во спротивно ќе го преиспита учеството во работната група формирана за надминување на проблемите  со медиумите во земјата, пренесува Тв „Телма“. Членовите на ЗНМ на денешното Годишно собрание повторно  истакнаа дека не поддржуваат донесување на закон за медиуми, се додека нема доследна примена на актуелните норми.

– Најсериозен предизвик за дијалогот е идејата на Министерството за транспорт и врски да отвори дебата за потребата од донесување на закон за медиуми. Ставот на ЗНМ е јасен, потреба за таков закон нема, но сме подготвени да го поддржиме процесот на усогласување на Законот за радиодифузна дејност со Европската директива и со препораките на СЕ и на извештајот за напредокот на Македонија, изјави претседалот на ЗНМ Насер Селмани. Евентуалната потреба за донесување на нови закони, според него, ќе се утврди во работната група на Владата и ЗНМ.

Селмани денеска реферираше пред триесетината присутни членови на Собранието за постигнатото во периодот од јануари до октомври оваа година.

Раководството на ЗНМ очекува властите на 13 декември на конференција да се изјаснат за декриминализацијата и измените на законот да бидат донесени до март следната година. Доколку тоа не се случи, посочуваат новинарите, ќе прекине дијалогот со Владата.

Беше укажано дека новинарите треба да бидат поактивни во Здружението и да ги искажуваат своите ставови и проблеми. Иако Здружението постојано е во комуникација со своето членство користејќи го интернетот, но и со директни контакти со новинарите во земјата, како што беше посочено, нема официјални повратни информации за тоа што се случува на терен, а новинарите во мал број се појавуваат на дебатите и собирите на Здружението.

OhridNews
извор: Тв Телма