Собранието на ЗНМ на денешното неизборно Собрание утврди потреба од измена на Статутот на здружението до одржување на Изборното собрание, со што ќе се овозможи најмалку еден член на УО на ЗНМ да биде избран на предлог на регионалните центри. Сепак начинот и содржината на измените во статутот на ЗНМ ќе бидат дополнително утврдени по сеопфатна дебата во медиумскиот еснаф.

Дојдовме до едно решение кое ќе гарантира по еден член од внатрешноста да биде член на УО. Ова за мене е еден добар знак од ЗНМ кој покажува дека се цени тоа што го работат новинарите од внатрешноста, а од друга страна истите ќе се чувствуваат рамноправни членови на ЗНМ. Ова е еден навистина добар потег и треба да го поддржиме како измена на Статуот, со тоа што навистина ќе имаме застапеност која нема да биде диригирана и ќе биде мотив за поголемо учество на новинарите од внатрешноста во сите овие тела, рече Тони Михаилов од ЗНМ од Штип.

Осврнувајќи се на состојбите во медиумите кај нас, во презентираните извештаи на ЗНМ беше истакнато дека во 2021 бројот на напади на медиумските работници е намален, (5 во 2021, а 14 во 2020г.) но растат заканите и навредите на социјалните мрежи.

Во 2021 на пријава на ЗНМ е донесена прва пресуда за изречена наврада и закана кон новинар, што се смета за значаен момент во контекст на безбедноста на медиумските работници. Ситуацијата бележи минорни подобрувања, а државата не прави доволно системски да ги реши проблемите на медиумските работници, со што ќе се подобри нивниот статус, беше истакнато на Собранието на ЗНМ.

Постојат фиктивни, фантомски онлајн медиуми кои наоѓаат начини да го изиграат законот, затоа што постои основано сомневање дека постои злоупотреба на народни пари од партиите преку нетранспарентно финансирање на политички кампањи на онлајн медиуми кои никнуваат пред избори или се формираат и финансираат за таква цел, беше истакнато во дискусијата.

Новинарите од редакциите надвор од Скопје предупредија на очајната состојба во медиумите во внатрешноста кои се соочени со економски и егзистенцијални проблеми поради кои се гаснат цели медиуми, а новинарската професија станува неатрактивна за младите. Затоа тие бараат итна реакција на ЗНМ и системско решение за обезбедување механизми за поддршка на професионалните медиуми. Во спротивно за брзо време ќе згаснат уште локални и регионални медиуми предупредија новинарите.

Членот 102 ние ниту го носиме ниту го укинување. Но, ние сме против промена на чл. 102 за повторно финансирање на медиуми од државата, затоа што сметаме дека нема да ги подобри состојбите на медиумските работници, а ќе им помогне само на сопствениците на медиуми. Наш фокус ќе биде формирање на независен фонд за финансирање на релевантни проекти во медиумите со акцент на локалните и регионалните медиуми и младите новинари, рече претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

Собранието ја поздрави секцијата на млади новинари која работи во насока на анимирање и обука на млади новинари, како еден од начините за надминување на недостигот на кадар, односно работна сила во новинарството кое станува неатрактивна професија за младите.

Собранието ги усвои наративниот и финансискиот извештај на ЗНМ, кое најмногу приходи во работењето обезбедува од донации.

OhridNews