Претставници на Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ, денеска, доставија писмо до премиерот Никола Груевски во кое го известуваат дека пред речиси два месеца е поднесен предлог до министерството за правда за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски, за кој до денеска нема одговор од министерот Блерим Беџети.

Во писмото ЗНМ бара од Премиерот прашањето за аболиција на Кежаровски да го постави на дневен ред на наредната седница на Владата.

„Ние сметаме дека аболицијата на Кежаровски е од интерес на Македонија. Прво затоа што новинарот е невин, не направил ништо лошо, туку открил злоупотреба на загрозен сведок, што е највисок јавен интерес, а второ затоа што овој случај сериозно го нарушува угледот на Македонија во светот.
Сметаме дека Владата треба да ја искористи ова законска можност и да спречи невин човек да остане во затвор. Ние веруваме во девизата, подобро сто виновни на слобода, отколку еден невин во затвор. Ако Владата не реагира брзо ризикуваме Македонија да биде обележана како црна овца во Југоисточна Европа во која се осудуваат новинари поради објавување на нивните истражувачки стории.

Сега се е во рацете на Премиерот Груевски, кој реално може да го искористи неговиот неспорен авторитет во Владата и да му наложи на министерот Беџети да ја покрене постапката за аболиција кај Претседателот Ѓорге Иванов. Се надеваме дека премиерот Груевски нема да ја испушти ова можност и да покаже пред светот дека македонската владата води сметка за слободата на изразување и дека реагира на загриженоста на нашите партнери од светот.“-изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Новинарот Кежаровски е осуден на затворска казна од 4,5 години, заради откривање на идентитет на заштитен сведок, кој во текот на судскиот процес сам се откажа од заштита со образложение дека неговиот исказ бил лажен и даден под присила.

OhridNews