Здружението на новинарите на Македонија денеска промовираше нова публикација во чиј фокус е состојбата со дописниците во земјава.

На промоцијата се обрати претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој се осврна на проблемите со кои се соочуваат колегите од внатрешноста. „Загрижува фактот што дописничката мрежа на МРТ, но и на националните телевизии постојано се намалува, а во одредени медиуми и целосно е укината“, истакна Чадиковски.

Според него, има повеќе причини за настанувањето на оваа ситуација. „Финансиите се главен проблем за дописниците, а сите досегашни истражувања за социо-економската положба на дописниците покажуваат дека месечните надоместоци или хонорарите по објавен текст или прилог не можат да ги покријат ниту основните трошоци за живот. Но, тоа не е единствениот проблем кој беше детектиран во ова истражување. Недостигот на техничка опрема, притисоците од редакциите, но и од локалните моќници значително ја отежнуваат работата на новинарите“, рече претседателот Чадиковски.

Чадиковски се осврна на дел од анализата во кој е нагласена потребата од интервенција и во законската регулатива со која ќе им се наложи на сите национални медиуми да ангажираат дописници. Дел од препораките кои се однесуваа на Македонската радио-телевизија (МРТ) и на Медиумската информативна агенција (МИА) беа да обезбедат дописништва во секој од осумте плански региони, а притоа на вработените да им обезбедат технички услови за работа и вработувања на полно работно време, со договор на неопределено време.

Во анализата се препорачува на печатените медиуми да вработат по најмалку тројца дописници, бидејќи тоа што се финансиски помогнати од јавниот буџет носи и свои обврски, во интерес на добро информирана јавност за теми од локален и регионален карактер.

Во однос на националните терестријални и кабелски телевизии во анализата се препорачува да ги зголемат своите дописнички мрежи, и да обезбедат соодветни услови за работа за новинарите. „Потребно е да се направат измени и дополнувања во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и тоа во глава VI, член 22 кој се однесува на бројот и структурата на вработени. Овие измени треба да гарантираат дека од минимум 30 вработени новинари во терестријалните, најмалку 4 треба да се дописници со полно работно време, односно од минимум 10 вработени новинари кај кабелските телевизии најмалку 2 да се дописници со полно работно време“, истакна Чадиковски.

Оваа публикација беше подготвена во рамките на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

OhridNews