Ги повикуваме сите новинари во Република Македонија да не останат индиферентни на ваквите закани што од ден на ден сè повеќе се промовираат и најостро да се спротивстават на појавите што предизвикуваат атмосфера на линч и презентација на говорот на омраза во некои медиуми.
Меѓусебната солидарност е повеќе од неопходна. Новинарите се животно загрозени. Најдрско и највулгарно е атакувана професијата новинар и слободата на говорот. Воедно бараме сите надлежни институции во државава, а посебно јавното обвинителство, веднаш и без никаква задршка или затскривање зад бирократски процедури, да ги превземат сите расположливи законски мерки и да застанат во одбрана на физичкиот, моралниот и професионалниот интегритет на новинарите во Република Македонија. Да ги санкционираат оние кои безобразно и еуфорично злоупотребувајќи го медиумскиот простор ги рушат основите на демократијата. Чувствувајќи се моќно и заштитено, промовираат едноумие, нетолеранција, насилие, вандализам, терор…
Ваквите појави мора да бидат поука и последна опомена до сите чинители во политичкиот и јавниот живот во Македонија, крајно сериозно да ја сфатат својата позиција и улога во општеството. Да престанат со посредното или непосредно креирање или поддршка на конфликтноста помеѓу различни општествени групи, етникуми, професии или поединци, додека не биде предоцна.
Лудилото не смее да надвладее. Поголеми трагедии не смеат да се дозволат. Повеќе од неопходно е слободата на мислата, на говорот, на изразувањето повторно да бидат темелните вредности на општеството, се вели во реакцијата на Здружението на новинари на Македонија.