Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува загриженост поради самоволното и непрофесионално однесување на Министерството за здравство и службите за односи со јавност, кои денеска не овозможија официјално присуство на медиумите при посета на Клиниката за пулмологија и алергологија.
Имено, по неколку барања од новинарите кои известуваат во областа на здравство и кои во неколку наврати се обратија до ЗНМ за ова прашање, денеска била повикана само агенцијата МИА за снимање на клиниката, додека останатите медиуми не биле официјално поканети. Ова јасно покажува ограничување на пристапот до настани од јавен интерес, создава впечаток на дискриминација и отвора сомнеж за можност за прикривање на информации, посочуваат од ЗНМ.
Воедно ги потсетуваат надлежните дека медиумите имаат право да известуваат за сите настани од јавен интерес без дискриминација, а институциите се должни да обезбедат транспарентност и еднаков пристап до информации за сите новинари.
Оваа ситуација е особено сериозна во контекст на претходните конфликти и недостапноста на информации од страна на кабинетот на министерот за здравство. Повикуваме на итна ревизија на практиките на Министерството за здравство, овозможување на пристап на сите медиуми до информации од јавен интерес и почитување на професионалните стандарди во комуникацијата со новинарите, додаваат од ЗНМ.
OhridNews