По последните препукувања меѓу новинарите околу тоа кој каков имот поседува, со соопштение до јавноста реагираше и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Тоа оцени дека е неприфатливо во јавноста да се создаде перцепција дека најголемиот проблем во земјава се новинарите.
„Добро е што новинарите се занимаваат со теми поврзани со корупција, меѓутоа потребно е во тврдењата дека новинарите се корумпирани да се истражи кои се тие што наводно ги корумпираат. Во секоја професија можни се случаи на корупција, но дали ако двајца или еден судија, министер, пратеник, државен службеник или бизнисмен се корумпирани значи дека целата таа професија е корумпирана?“ – прашува ЗНМ во своето соопштение.
Здружението на новинари на Македонија констатира дека центрите на моќ секогаш имаат можност да корумпираат неколку претставници на одредена професија и таа професија целосно да биде претставена како нечесна пред јавноста.
„Апелираме новинарите и медиумите да се насочат кон теми за кои вистински ги засегаат граѓаните. Притоа потребно е новинарите при своето известување да го почитуваат Етичкиот кодекс, да известуваат врз основа на докази и факти, да ја почитуваат пресумпцијата на невиност и да ги проверуваат информациите кај сите засегнати страни.“ – се вели во соопштението.
OhridNews