Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид, го осудува етикетирањето на новинарите кои го следат судскиот процес за глисерската несреќата што се случи во водите на Охридското Езеро пред две години, што се води пред Основниот суд во Охрид.

За ЗНМ е неприфатливо новинарите во редакциски коментари да се обвинуваат за извршување на платени нарачки без притоа да се наведат аргументи, што претставува груба деградација и навреда за сите професионални новинари. За ЗНМ неприфатливи се и обвинувањата дека новинарите вршат притисок врз Судската власт, бидејќи истата е независна и на располагање има механизми за заштита на сите учесници во судските процеси.

ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, исто така,  го осудува секој обид за користење на медиумите и вработените во истите за заштита на сопствени или други интереси и напади врз колеги од други медиуми.

Воедно, ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид,  апелира до одговорните во Редакциите и новинарите во извествувањето да го почитуваат Кодексот, како и етичките норми за избалансирано и професионално информирање, а сите кои сметаат дека постои прекршување на правилата за фер и коректно информирање со што се нанесува штета, ги охрабрува да поднесат претставка до Советот на честа на ЗНМ, или случајот да го проследат до надлежните институции, се вели во реакцијата на Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид.

OhridNews