Здружението на новинарите на Македонија ја споделува загриженоста со Претставникот на ОБСЕ за слободата на медиумите Дуња Мијатовиќ дека новото законодавство кое го усвои Владата може да се искористи да се замолчат критичните ставови во медиумите и да се ограничи слободата на говорот.

-ЗНМ го поздравува ставот на Мијатовиќ дека поедини делови на законот, иако може да се прифатливи, во контекст на актуелната состојба со слобдата на медиумите, можат да доведат до разни злоупотреби.Се согласуваме дека повикувањето на националната безбедност и потикнувањето на нетолеранцијата и на говорот на омраза  во законот се многу нејасни и можат да се злоупотребат. Исто така, спорни се и решенијата за Агенцијата за медиуми, дефиницијата новинар и казнените одредби, со кои се создава простор регулаторот да се меша во содржините на печатените и онлине медиумите и да се потикне самоцензура во медиумите.-вели претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Според ЗНМ, важно е што Мијатовиќ сугерира на Владата да престане да се меша во организирањето на новинарите со цел да предизвика тензии меѓу новинарските здруженија. Овој став на Претсавникот на ОБСЕ уште еднаш потврдува дека нашите ставови за најновото законодавство за медиумите се издржани и дека впечатокот на власта за ставовите на ОБСЕ се многу оптимистички, сметаат во ЗНМ.

-Станува појасно дека негативниот впечаток во светот за слободата на изразувањето во Македонија нема да се смени со менување на законите, туку со промена на политиката на Владата кон работата на медиумите. Ако владата сака да ја зајакне слободата на медиумите тогаш треба да престане да се меша во  нивната работа и да ја раскине корупциската врска меѓу политиката и медиумите. Тоа ќе се постигне само ако владата предложи законодавсто со кое ќе се обезбеди поголема транспарентност во трошењето на јавните пари за владини кампањи и да утврди критериуми за начинот на распределба на кампањите во медиумите. Исто така, битно е да се санкционира со закон можноста медиумите да ја финансираат изборната кампања на партиите преку политичкото рекламирање.-вели претседателот на ЗНМ Селмани.

OhridNews