Намерите на предлагачите на законот со кој составот на  Советот за радиодифузија се проширува за уште 6 члена , пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и на Владата, е да остварат комплетна контрола врз Советот за радиодифузија, сметаат Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), на заедничката прес конференција на ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми, кои денеска одржаа заедничка прес конференција.

 
Од ЗНМ велат дека доколку предлагачите на законот останат до крај на нивната намера да го изгласаат законот, Здружението на новинари сериозно ќе го разгледа учеството на нивните членови во Советот за радиодифузија.

„Ние веднаш побаравме средба со предлагачите на законот, со цел да им објасниме дека таквиот начин на донесување на законот е неприфатливо. Се сретнавме со пратеникот Влатко Ѓорчев, кој е првопотпишан од групата пратеници на законот, наредниот ден исто така се сретнавме со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски. И покрај сите наши укажувања дека законот треба да се повлече и да се пушти во нормална процедура, со цел да им се даде можност на сите заинтересирани страни да го кажат својот став, не наидовме на разбирање и тие разговори завршија безуспешно“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Тој додаде дека е несфатлива брзината со која предлагачите на законот сакаат да ги донесат измените, без да се даде можност на експертската јавност на новинарите и на здруженијата и НВО кој се занимава со медиумската сфера, да го кажат своето мислење.

„Посебно во земји каде што има проблеми со слободата на медиумите и каде секојдневно како земја добиваме критики за слободата на медиумите е несфатливо носењето на вакви важни суштински измени на законот за радиодифузија кое е регулаторно тело кое се грижи за независноста на електронските медиуми“, рече Претседателот на ЗНМ и додаде дека новата Влада ќе има сериозни проблеми во Брисел каде ќе треба да објасни зошто се донесени овие измени на законот.

Билјана Петковска, извршен директор на Македонскиот институт за медиуми упати апел предлогот на законот да биде повлечен и да се направи јавна дебата каде ќе бидат вклучени сите кои се засегнати со оваа проблематика.

„Секој потег кој остава простор за сомневање дека се става рака врз независноста на медиумите бара и заслужува координиран и јасен одговор на медиумската заедница и Синдикатот е дел од таа заедница и нема никакви дилеми дека дисциплинирањето на медиумите во крајна рака е дисциплинирање на луѓето кои работат во нив, загрозување на нивното право на професионален и независен ангажман ослободен од уцени, притисоци или обиди за корупција“, порача Тамара Чаусидис, претседател на  Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

ЗНМ, МИМ и Синдикатот најавија дека ќе ги информираат сите важни странски институции  за донесувањето на спорните измени на законот за радиодифузија и ќе делуваат заеднички предлогот да биде повлечен.

Власта со критики до ЗНМ

ЗНМ треба да одговори, што има незаконски во предложениот предлог од страна на група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, што има спротивно на Уставот, на било кој закон и дали има било каква, па макар и најмала формална грешка во процедурите?

Ова денеска запрашаа од ВМРО-ДПМНЕ, во реакцијата на прес конференцијата на Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), каде што беше речено дека Владата сака да има комплетна контрола врз Советот за радиодифузија(СРД).

„За нас е зачудувачки ставот на ЗНМ кој е во целост идентичен со ставот на една партија од опозицијата. Во досегашниот период ЗНМ декларираше одредена неутралност, но сега во целост, со своето ставање на страна на опозиција, сериозно го става под прашалник својот кредибилитет“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews
извор: „Макфакс“