Здружението на новинарите на Македонија е сериозно загрижено што во последно време се зачестени заканите за физички напади и притисоци против новинари. За помалку од две недели  јавни личности се обидоа физички да се пресметуваат со новинари само затоа што не се задоволни од начинот на нивното известување.

Навредите и заканите за физички напад кон спортскиот новинар Игор Филевски од страна на ракометниот судија, Виктор Начевски, син на Генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Марјан Начевски, претставува груб напад врз слободата на медиумите и дигнитетот на новинарите.-се вели во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ ги предупредува институциите сериозно да ја сфатат ситуацијата и да преземат енергични мерки да ги спречат ваквите закани, кои имаат за цел да сеат страв и да ги вознемират новинарите. Крајната цел на овие напади е да се спречат новинарите професионално да ја извршуваат нивната работа. Ако не се реагира брзо ваквите вербални закани можат да станат и реалност и да ја доведат во прашање безбедноста на новинарите.

Ако институциите не делуваат превентивно постои голема опасност новинарите да бидат изложени на физичко насилство. Во тој случај институциите ќе бидат соучесници на такво насилство, кое е  недозволиво во демократски држави. За последниот случај и за сите слични што евентуално ќе се случат во иднина, ЗНМ преку правните застапници и во консултации со новинарите, ќе покрене пријава пред надлежниот суд.-се вели во соопштението на Здружението на новинарите на Македонија.

OhridNews