OhridNews: Во јавноста сеуште силно одекнува ехото од последните бурни случувања во фестивалот „Охридско лето“ кој остана без директор и програмски селектори?
Зоран Велјаноски Летра: Точно дека во овој момен со оставката на поранешниот директор се најдовме во меѓупростор кој се пополни со в.д. директор кој го назначи Министерството за култура. Тоа веднаш распиша конкурс за избор на нов директор кој заврши во петокот и се очекува деновиве да биде познат новиот раководител на националната установа, кој ќе треба да ги продолжи започнатите активности за следното издание на фестивалот „Охридско лето“.
OhridNews: Фестивалот подолг период е предмет на истраги за што многу не се говори. Во јавноста се зборува дека „Охридско лето“ должи и не плаќа данок, а државата го толерира?
Зоран Велјаноски Летра: Државата не е селективна кон Охридско лето. Данокот е законска обврска и тоа мора да се почитува. Во таа насока за да се елиминира секаков сомнеж Управниот одбор на седницата одржана пред десетина дена донесе одлука со која се обрати до Управата за јавни приходи со барање нејзини стручни служби да ја утрврдат фактичката состојба во однос на неплатен данок во фестивалот „Охридско лето“ и ако го има, согласно законот, истиот да го платиме на повеќе рати. За таа цел веќе од денес УЈП ќе започне контрола во фестивалот за да се утврди точно дали и колку „Охридско лето“ должи данок.
OhridNews: Колку фестивалот им должи на доверителите?
Зоран Велјаноски Летра: „Охридско лето“ е исклучително значајна манифестација за да дозволи да се шпекулира за одредени состојби во фестивалот, што се случува во последниот период со појавување на одредени информации поврзани со долговите пред се. Тие шпекулации се предизвикани од поединци и се политички мотивирани. Вистината е дека обврските на фестивалот се неколку пати помали од буџетот со кој располага установата. Но вистина е и дека има заостанати долгови кои се наследени од претходните раководства. Во моментов „Охридско лето“ има долгови за режиски трошоци, вода, електрична енергија и телефон, како и кон доверители од околу 25.000 евра, кои договорно се сервисираат со одредена динамика.
OhridNews: Го тужи ли некој „Охридско лето“?
Зоран Велјаноски Летра: Во моментов не.
OhridNews: Има ли доволно средства во буџетот на фестивалот да се покријат наследените долгови како што велите кон доверителите и државните институции?
Зоран Велјаноски Летра: Моја цел со самото доаѓање во Управниот одбор беше да се расчистат состојбите и фестивалот да застане на здрави нозе, што и се случува. Непредвидената оставка на поранешниот директор беше нов момент кој не затекна, но во фестивалот работите имаат континуитет и очекувам дека со назначувањето на новиот директор деновиве, ќе продолжат подготовките за следното фестивалско издание. „Охридско лето“ има солиден буџет, кој дел го обезбедува државата, а дел се обезбедува од спонзори и продажба на влезници, а тоа се средства кои неколкку кратно се повисоки од актуелниот долг.
OhridNews: Дали последните случувања во фестивалот влијаат на спонзорите, има ли откажувања на соработка?
Зоран Велјаноски Летра: „Охридско лето“ е најзначајната и најголема културна манифестација во земјата и силен магнет за спонзорите. Ние и во овој турболентен период на промени добивме нови два спонзори, а тука се и старите спонзори со кои веќе имаме договори кои ги одработуваме. Конкретно, досега нема откажувања на спонзори, напротив, очекувам оваа година зголемување на бројот на спонзорите на „Охридско лето“.
OhridNews: Последните случувања влијаат на имиџот на „Охридско лето, ќе одгговара ли некој за поигрувањето со реномето на манифестацијата или се ќе се заврши со штуро соопштение за јавност?
Зоран Велјаноски Летра: Управниот одбор на фестивалот ја поддржува секоја истрага на надлежните служби за да се расчистат состојбите од минатото. Министерството за култура им укажувало на грешките на претходните раководства, дали е постапено по препораките или не, ќе утврдат контролите. Се додека не се докаже нешто не можеме да бараме одговорност, но доколку се утврди вина, тогаш мора да има и оговорност. Кој работел нечесно и неодговорно мора да одговара и тука нема да има никаква селективност. Затоа ги поттикнуваме службите да си ја извршат професионално својата работа и да се тргне секој сомнеж од фестивалот.
OhridNews: До почетокот на новото издание на фестивалот остануваат околу 4 месеци, со оглед на сите случувања, ќе има ли доволно време за подготовка на програмата на фестивалот кој во моментов нема селектори?
Зоран Велјаноски Летра: Најголема задача на новиот директор кој по статут ги бира програмските селектори е да ја изготви фестивалската програма. Но, морам да појаснам дека подготовките се веќе отпочнати. Имено, согласно законот фестивалот минатата година конкурираше со програма за 2012 година, која е речиси готова и ќе се реализира со новиот директор, кој може да избере нови, но и да продолжи да работи со старите селектори. Време за подготовки има и не се сомневам дека ќе биде изготвена квалитетна и добра програма, достојна на реномето на фестивалот.