Западот започна силен притисок кон Москва откако претседателот Владимир Путин од парламентот доби дозвола да ја употреби армијата во заштита на руските интереси во Украина, каде е прогласена вонредна состојба по акциите на проруските сили во Крим.

Претседателот на САД Барак Обама имал 90-минутен разговор со колегата Владимир Путин во кој му укажал дека Русија со испраќање на воени сли во Украина го прекршила меѓународното право. Тој побарал од Путин да ја намали тензијата и да ја повлече војската од Крим.

Остри реакции упати и НАТО. Генералниот секретар на алијансата Андерс Фог Расмунсен побара од Русија да го почитува суверенитетот на Украина. За денеска закажан е итен состанок на министрите на НАТО, по што ќе се одржи средба на претставници на алијансата со новото раководство на Украина.

На итна средба во Киев денеска отпатува делегација на ЕУ предводена од министерот за надворешни работи на Грција Евангелис Венизелос, чија земја претседателствува со унијата во моментов. Отворено негодување кон руската политика искажаа и повеќе западни земји како Франција, Велика Британија и Полска, а Канада најави дека ќе го бојкотира самитот на Г8 групата што треба да се одржи оваа пролет во Сочи.

Загриженост изразија и Обединетите нации кои предложија испраќање набљудувачи во Украина и посредување во решавање на ситуацијата.

Официјална Москва, од друга страна, не отстапува од својата цврста политика, оправдувајќи ги преземените воени активности како мерки за заштита на интересите на Русија.

Сето ова состојбата на терен ја прави исклучително напната, а Украина ја подигна борбената готовност на армијата. Оружјето е на готовс, а светот стравува дека евентуална ескалација на настаните во Украина би довела до Трета светска војна.

Г.М.