Собранието денеска со 64 гласови „за“ и 40 „против“ го избра Јован Митрески за претседател на Собранието.

Во расправата се обратија пратеникот Мартин Костоски од СДСМ, кој даде целосна поддршка за Митрески, Никола Мицески, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека тие нема да гласаат за него, Арбер Адеми од ДУИ, кој му даде поддршка, а зборуваше и Димитар Апасиев.
Како секој пратеник, така и за мене изборот за претседател е голема чест, но пред се одговорноста е уште поголема. Во таа насока ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, со Деловникот, со законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата, рече Митрески.
Изрази верување дека заеднички ќе продолжиме да ја јакнеме демократијата бидејќи за млади демократии како нашата тоа е важно да го правиме ској ден.
Останувам отворен за соработка со сите пратенички групи, се додека гледам, мислам и чуствувам дека тоа што се прави од спротивната страна е во интерес на граѓаните и државата, затоа што интересот на граѓаните и на државата е врвен интерес на сите нас, рече Митрески.
Тој изрази благодарност за поддршката и за довербата која му ја дадоа пратениците со нивното гласање, како и до досегашниот претседател Талат Џафери и до генералната секретарка Цветанка Ивановска и до нејзините заменици за успешното менаџирање, како и до вработените во Собранието.
Новиот спикер даде свечена заклетва, по што како што е најавено ќе има примопредвање на фукцијата и куси изјави на Џафери и Митрески.

Претходно, беа констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери. Премиерот Ковачевски и претседателот на Собранието не ги образложија оставките.
Ковачевски и Џафери, кој ќе биде мандатар на техничката влада, оставките ги поднесоа вчера како вовед на изборот на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори на 8 мај.
OhridNews












