Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работна средба со директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски. На средбата се разговараше за тековната состојба на пазарот на недвижности и можностите за поефикасна размена на информациите, што ќе придонесе за подготвување новите мерки за полесен пристап до кредити за прв стан.
Гувернерот Славески нагласи дека во тек се подготовки за воведување мерки со кои ќе се поттикне поповолно кредитирање на објектите за живеење, особено за млади граѓани и брачни парови кои првпат купуваат стан.
Нашата цел е да се овозможат подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што навистина имаат потреба од сопствен дом, во услови кога цените на недвижностите растат, истакна гувернерот Славески.
Директорот Живковски ја изрази подготвеноста на Катастарот за поголема соработка со Народната банка, посочувајќи дека податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за носењето ефективни мерки.
Народната банка предложи потпишување меморандум за соработка со Агенцијата за катастар, кој ќе овозможи подобра размена на информациите, брза достапност на податоците за недвижности и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарните трендови.
Соговорниците се согласија дека со разликување на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции, како и со зајакната соработка меѓу институциите, ќе се создадат услови за поефикасна поддршка на граѓаните во решавањето на станбеното прашање.
OhridNews