На само неколку дена пред крајот на календарската 2022 година успешно е завршена реализацијата на годишната програма за социјална и здравствена заштита на Општина Охрид за 2022 година (Т1), информира на фејсбук профилот градоначалникот Кирил Пецаков.
Оваа програма, програмски е реализирана 100 %, а финансиски 96.14 %. Вкупно по разни основи преку оваа програма од буџетот на општина Охрид се трансферирани 5.527.456,00 денари, стои во објавата.
Напоменува дека се реализирани проектот Општинско корисна работа – „Од граѓаните за заедницата од заедницата за граѓаните”- Отворени можности за еднакво образование за сите деца, ангажирани 8 образовни асистенти во средните училишта заедно со УНДП, субвенционирање на трошоци кон јавните претпријатија за комунални услуги за социјално загрозените семејства, дадена е силна поддршка на граѓанските здруженија од областа на социјалната заштита и тоа: Дневен центар за лица со интелектуална попреченост „Зраци“, Дневен центар за лица со интелектуална попреченост „Св Ѓорѓија”, Ретко е да си редок: Проект „Ги запознаваме ретките болести“, Здружение на слепи лица, Здружение на глуви и наглуви лица, СОС Балканмедиа – Охрид, В.О.П.С. Поддршка Охрид, Општинска организација на Црвен крст- Охрид.
Воедно, се додава во објавата овозможена е обука на 10 лица кои се стекнаа со сертификат за личен асистент на лица со попреченост.
Дадовме финансиска поддршка на центар кој згрижува и третира деца со атипичен развој. Мерката е наменета за деца кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Корисник на овие средства е Здружение за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој. За првапат оваа година доделивме стипендии на редовни ученици, студенти, магистранти и докторанти на државни и приватни училишта и универзитети на лица со ретки болести и посебни потреби и образовен додаток на студенти кои потекнуваат од семејства со социјален ризик. Особено горд оваа година ме прави отворањето на Инклузивната игротека „Радост„ во старата касарна во Охрид, која во иднина треба да прерасне во Дневен центар за лица со интелектуална попреченост во општина Охрид, вели градоначалникот Пецаков.
Во 2023 година, потенцира ќе се продолжи со бројни активности предвидени во оваа програма со гаранција дека поддршката нема да изостане и ќе стигне до секој оној на кој му е потребна.
OhridNews