ОГЛАСИ

Интервју со Петар Нечовски: Најсреќен сум во кругот на моите најблиски, кога сите заедно ја пееме „Охрид Мој“

Интервју | Интервју | 10.01.2016 11:59Посети : 22043

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...

Над 35 години е на македонската музичка сцена. Петар Нечовски, познат изведувач најпрво на забавни, а потоа на фолклорни песни,зад кого се повеќе од 100 фестивалски настапи во земјава и во странство, бројни освоени награди на национални и меѓународни фестивали, турнеи и настапи пред иселениците во Канада, Америка, Австралија,миленик на домашната публика, зборува за својата втора љубов-спортот, за патувањата,за интересните случувања поврзани со турнеите во странство.

OhridNews: Омилено место за кафе со пријателите во Охрид?

П.Н: Под боровата дебела сенка во Летница во летниот период. Преку зимскиот период посетувам повеќе кафулиња во центарот на Охрид, како што се Галерија, Белведере, План Б...

OhridNews: Малкумина знаат дека Вашиот роден град е Ресен, но сте израснале и сте се школувале во Охрид.
 
П.Н: Точно е дека потекнувам од Преспа. Моите родители се преселиле во Охрид многу одамна, поточно уште кога сум бил 7 месечно бебе. Мојот татко по мајка потекнува од стара охридска фамилија. Со еден збор Охрид е градот каде што сум израснал, каде што живеам и творам.



Со сопругата Анастасија


OhridNews: Омилен дел од годината?

П.Н: Лето. Тоа е најубавиот период во Охрид, градот е преполн со гости, домашни и странски, има многу музички настани, свирки во живо, а исто така тоа е периодот кога го славам и роденденот и именденот Петровден. Иако често патувам овој период е резервиран за мојот Охрид, затоа што најубавите нешта во градот се случуват во лето, уживам на брегот на Охридското Езеро.

OhridNews: Од кога музиката е дел од Вашиот живот?

П.Н: Музиката од секогаш била дел од мојот живот. Посетував основно музичко училиште, па потоа како средношколец ја формиравме вокално инструменталната група „Flowers“ со кои што имавме настапи на многу гитаријади низ цела поранешна Југославија. Потоа следеа настапи со групата „Охрид“,при што бев забележан и имав можност да го истакнам својот талент настапувајќи по најреномираните хотели на охридското крајбрежје што ми овозможи да направам многу контакти за потоа да можам да започнам и соло кариера.  



Настап пред иселениците во Торонто


OhridNews: Сте добивале бројни први награди на фестивалите. Колку Ви значат ваквите признанија?

П.Н: Далечната 1978-79 година, две години по ред, настапив на Скопскиот фетивал на забавни мелодии. Потоа се редеа настапи на фестивали надвор од Македонија, во поранешна Југославија, како „Ваш Шлагер на сезоната“ во Сараево, избор песна за Евровизија во Белград, Опатискиот фестивал итн.  За 1988 да се вратам на фестивалската сцена како интерпретатор на ново создадени фолк рефрени на „Валандово“. Со ренесансата на новосоздадената македонска фолк песна почнаа да се одржуваат многу фестивали како Фолк Фест Валандово, Цветници, Канбера фест, Филиграни, Охрид Фест, Пирин Фест и многу други , на кои што редовно настапував и се уште настапувам и каде што сум бил многу пати наградуван. За мене овие награди имаат големо значење, лично за мене, исто така и за мојата кариера. Сите овие награди се значајни и придонесоа да се зголеми популарноста и мојот имиџ.

OhridNews: Каква музика слушате во слободно време, дали тоа сепак е народната музика?

П.Н:Слушам секаква музика и љубител сум на различни стилови. На пример, евергрин мелодии како што се на легендарните Елвис Пресли, Франк Синатра, Том Џонс, исто така и екс Ју поп, и секако нашата новосоздадена фолк и неизбежната староградска македонска песна.

OhridNews: Со кого од македонската естрада се дружите и приватно?

П.Н: Се дружам со луѓе што во тој момент соработувам или имам заеднички проект. Приватно немам некои многу блиски пријатели од естрадата, освен членовите на „Езеро бенд“ со кои често настапуваме на живи свирки.



На снимање на новогодишна програма


OhridNews: Кој познат музичар особено го цените и зошто?

П.Н: Највеќе го ценам нашиот пијанист Симон Трпчевски. Тоа е еден од ретките македонски музичари, кои навистина успеале да изградат светска кариера базирана врз талент, макотрпна работа и квалитет. Тој е најголемиот музички бренд на Република Македонија.

OhridNews: Често патувате. Која посетена земја Ви оставила најголем впечаток?

П.Н: Америка- голема земја, со неколку часовни зони, мешање на многу различни народи и култури каде што во едно патување можеш да видиш и зимски и тропски амбиенти. Кога сум на турнеа таму за време на новогодишните празници има многу наши иселеници на северо источниот дел каде што е зима и времето е снежно и ладно, и исто така одиме кај нашите иселеници во Флорида каде што времето е топло и имаме прилика да уживаме на прекрасните плажи. Со едно патување можеш да искусиш многу работи. Ми се допаѓа и тоа што секој граѓанин на Америка, без разлика од каде потекнува, силно ја почитува државата и таму секој без разлика на потеклото, може да го постигне она што си го замислил или сонува да го оствари.



На плажа во Флорида


OhridNews: Интересни случки од Вашите настапи пред иселениците во дијаспората?

П.Н: Има повеќе такви случки. Една е кога 20- тина интерпретатори од фолк музиката имавме настап во Кинг лајв Парк Мелбурн Австралија, каде се собраа неколку илјади Македонци да слушаат македонски песни од познати македонски интерпретатори. Влезот се наплаќаше по автомобил, наместо по човек и сите средства од концертот беа наменети за нас- пеачите, да се вратиме назад во Македонија затоа што авио компанијата со која дојдовме во меѓу време пропадна и воедно пропаднаа и нашите карти за враќање. Па така останавме околу две недели подолго, но се на крај заврши успешно.

OhridNews: Колку го следите спортот? Дали сте имале можност да присуствувате на некој голем спортски натпревар?

П.Н: Спортот е моја втора љубов. Обожавам повеќе спортски дисциплини, а посебно екипни спортови како фудбал, кошарка, ракомет, а исто така и американски фудбал (рагби). Редовно го гледам финалниот натпревар на таа лига Супербол, веќе неколку години по ред. Обожавам и тенис. Сум присуствувал на повеќе натпревари од НБА лигата во Торонто, Чикако, Кливленд, Далас и сум имал чест да ги гледам во живо најголемите легенди како Мајкл Џордан, ЛеБрон Џејмс, Дејвид Робинсон, Дирк Новицки и многу други.




На натпревар на НБА во Америка


OhridNews: Што Ве прави среќен?

П.Н: Јас сум скромен по природа. Ме прават среќен многу работи од секојдневниот живот, прошетки по охридската чаршија, меѓу моите сограѓани, компонирањето и создавањето на песни, работата во студио, гостувањата и патувањата во други држави, дружејќи се и пеејќи со нашите сонародници кои живеат таму. Исто така се разбира најсреќен кога сум во кругот на моите најблиски, при семејни прослави (родендени, имендени, слави) каде што сите заедно ја пееме „Охрид Мој“.


Т.Кувенџиска

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Дали паркирањето во Охрид треба да се модернизира?

Да

Не

Гласај

Да - 1380 гласови (88%)

Не - 184 гласови (12%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833