ОГЛАСИ

Интервју со Елида Битрак: Моето мото од секогаш било „Пред се’ семејството“

Интервју | Интервју | 17.04.2016 11:24Посети : 12237

Успешни и реализирани во професионалниот и приватниот живот голем број охриѓани оставаат силен белег во заедницата, во своето работење и општествено делување. Преку серијалот интервјуа, OhridNews ви открива како тие го минуваат своето слободно време, која е нивната омилена музика, колку наоѓаат време за семејството, пријателите...


Елида Битрак, познат туристички работник, сопственичка на туристичката агенција „Елида Турс“ открива кое е нејзиното омилено место за пиење на утринското кафе, зборува за професијата, за дружењата со пријателите и својата најнова и најголема љубов- внуката Софија...    


OhridNews: Најомилен начин да се започне денот...


Е. Б.: Најмногу ги сакам утрата, тие ми се најубав дел од денот. Станувам и право одам на тераса. Кафето почесто ме чека на маса, а понекогаш ќе го сварам и самата. Така ми почнува денот, со кафе и прекрасен поглед кон езерото. Рај за душата. Тогаш ми доаѓа инспирација за работните и за домашните обврски. Го правам планот за денот кој штотуку почнал. И толку, влегувам во мелницата од безброј обврски, контакти во трка со времето… Заборавам на себе, важно ми е она што сум го зацртала да се оствари.




Денот започнува со кафе испиено на терасата со поглед кон езерото


OhridNews: Името Елида е често во Хрватска, но ретко во Македонија. Кој е заслужен што Вие го носите името кое значи „возвишена“ „крилеста“?


Е. Б.: Да, се согласувам, името Елида е ретко име. Ги прашував моите покојни родители зошто ме крстиле Елида.Тогаш, пред шест децении кумот го давал името. Мојот кум им предложил три имиња и моите се одлучиле токму за ова – Елида кое е навистина специфично и ретко кај нас.


OhridNews: Вие сте познат туристички работник, долги години сопственичка на ТА „Елида Турс“. Кои беа Вашите почетоци со туризмот и како се развиваше Вашата кариера?


Е. Б.: Да, долго време сум во туризмот. Но, еве нешто што ќе биде интересно за оние кои мислат дека цел живот сум во туристичкото посредување и понуда. Јас мојата работна кариера ја почнав како професор по македонски јазик во охридската гимназија, а потоа 16 години работев како новинар во редакцијата на „Отексов Весник“. „Отекс“ тогаш беше многу силна фирма и на новинарството му се придаваше голема важност. Бевме убава редакција, го издававме информативното гласило „Отексов весник“ и работевме во интерната радиостаница. Тоа беа убави времиња, контакти и релаксирани седенки со колеги, новинари на кои многу често се сеќавам. Потоа станав управител на „Отекстурс“ и  сега сум сопственик на туристичката агенција „Елидатурс“. Со туризмот почнав сосема случајно. Во нашата редакција пристигна оглас кој требаше да го објавиме на разглас дека во компанијата се формира друштво „Отекстурс“ и дека се бара управител. Во условите се бараше идниот раководител да има високо образование, да познава еден странски јазик и јас тој оглас требаше да го прочитам. Во моментот помислив дека ги исполнувам условите и се пријавив на огласот ...Така почнав. На почеток се трудев да се најдам себе си со новите обврски, ми помагаа и моите колеги од некогашен „Паластурист“ на кои неизмерно им сум благодарна, беа други времиња….потоа воспоставив многу контакти со колеги од други туристички агенции од Македонија. Следуваа и многу контакти со деловни партнери и фирми од туристичката дејност надвор од земјава. Тоа бараше многу патувања, многу средби, многу контакти. Со најголем дел од стекнатите соработници и пријатели и денес соработуваме и со дел од нив сме веќе и семејни пријатели. За успехот на агенцијата и нејзиниот растеж секако голем придонес имаати моите колеги, професионалци со кои заеднички чекор по чекор го градевме имиџот на „Елида турс“. Со мојата колешка Загорка заедно сме цела вечност, околу 20 години во агенцијава. Дури да не ви се верува !!!!



Со сопругот Михаил и пријателката Катја


OhridNews: Бројни работни обврски, чести отсуствувања од дома поради професијата. Како успевавте да ги усогласите домашните и професионални обврски, дали беше тешко?


Е. Б.: Со добра организација и со голема помош од мојот сопруг Михаил се’ се постигнува. „Пред се’ СЕМЕЈСТВОТО“- тоа е моето мото. Имаме три деца, син и две ќерки близначки, кои веќе се зрели личности, свои луѓе и си го имаат трасирано патот во животот, сите имаат високо образование и свои работни обврски. Синот е оженет, живее и работи во Скопје.


OhridNews: Од неодамна сте во нова, за многумина, најубава животна улога. Добивте внука од синот кој живее во Скопје. Дали се согласувате дека времето поминато со внуците е најубавото?


Е. Б.: Внуката ја добивме пред три недели, се вика Софија- симбол на мудроста. Внуката, тоа е неизмерно задоволство, чиниш на самата помисла на внуката ми се влева некој спокој во душата, душата ми се разнежува. Се’ по нејзиното раѓање има некоја друга, поубава смисла. Само „кројам“ планови како да откраднам време и да заминам до Скопје за да ја видам. Мислам дека тоа мало, штотуку родено девојче ми праќа посебна енергија која ме прави полетна.



Со дел од семејството во Банско


OhridNews: Сте посетиле голем број земји. Која посетена дестинација особено Ве фасцинирала?


Е. Б.: Да, самата професија неминовно те активира да патуваш, да гледаш што нудиш, што нудат другите. Да откриваш нешто ново во хоризонтот. Убава е професијата. Во неа нема застој, не можеш да прекинеш. Некако те заведува. Неколку дена сум во Охрид и потоа пак со помислата дека некаде треба да се оди. И се така, куферот си стои подготвен. Посебна дестинација...Таков тип сум на личност кој знае да открие нешто и во сето тоа да најде нешто убаво од патувањата кое останува долго во мислите. Сите патувања на свој начин ги доживувам посебно, но би ги издвоила патувањата со сопругот во Египет, зимските одмори со убаво друштво, посебено патувањето во Сицилија. Особено интересни ми се и турнирите помеѓу „Елидатурс“ и „Бугаријахолидејс“ кои веќе традиционално, четврта година по ред се одржуваат во прекрасниот и единствен комплекс на Балканот „Пирин Голф“. На тој турнир, ние како агенција сме спонзори и прво наградениот голф играч го наградуваме со првата награда-викенд за двајца во Охрид. Самата манифестација е приказна за себе. Носиме музичари од Охрид. Целта ни е да се промовира нашиот град и преку песната и традицијата. Годинава турнирот ќе биде на 21 мај и во оваа пригода ги повикувам сите заинтересирани да се јават во нашата агенција. Ветувам, како и досега и овој пат ќе биде многу убаво организирано, настан за паметење.


OhridNews: Омилено место за релаксирање и прошетка во Охрид и околината?


Е. Б.: Кај и да се свртиш во Охрид е божествена убавина. Најчесто во недела одам на утринско кафе во некоја од кафетериите покрај езерото, Кадмо, Ликвид, Канео и вистински уживам во рајската, неповторлива убавина. Често пати со нашето добро друштво со кое долги години се дружиме одиме на планина – па таму не чека ритуалот од подготовка на ручек, дружење, опуштање и полнење на батериите за до следниот пат…



Од патувањето во Сицилија


OhridNews: Најчестите совети што им ги давате на своите деца?


Е. Б.: Секогаш јас и мојот сопруг сме се труделе да бидеме добри родители. Како мајка, целта ми беше правилно, по мое видување да ги насочам во животот. Моја определба била да се паметни, да завршат факултет, да бидат чесни, работливи, да ги почитуваат постарите и да не им прават зло на другите. Да станат свои на своето. Од овој агол мислам дека тие ги прифатија нашите совети упатени до нив со многу љубов и трпеливост за да застанат на сопствени нозе во животот.


OhridNews: Преку кои карактерни особини кај луѓето не можете да преминете?


Е. Б.: Ме воспитувале моите родители така како што сум ги воспитувала и јас моите деца. Не можам да поднесам лага, дволичност, лицемерие. За жал каде и да погледнеш, неизбежно, со нив ќе се соочиш.


OhridNews: Колку пријателите се значајни во Вашиот живот?Како Ви минуваат дружењата?


Е. Б.: Пријателите ги одбираш, а роднините ги добиваш. Како што споменав, имаме прекрасно друштво со кое над 30 години сме заедно. Порано, кога имавме повеќе време за дружби, некој од друштвото да купеше, што се вика, килограм месо, правевме фешта-седенки, па маскенбали со музики. Убави моменти кои и денес од време на време ги негуваме.



Во Кратово


OhridNews: Од аспект на туристички работник, дали има нешто што би промениле во Охрид, во насока на развој на туризмот?


Е. Б.: Охрид е бисер и има што да понуди, иако за подобрување на понудата потребно е уште време, финансиски средства, менување на навиките и ред други нешта. Треба сите да се трудиме, не смееме да дозволиме другите да не згазат во туристичката понуда и туристичките номади да не одминат. Туризмот е доходовна гранка, само како и за се’, и во него е потребна координирана акција и соработка.


Т. Кувенџиска

© 2018 Ohridnews.com. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Ohridnews.com

Интервју

ВАШЕТО ВНИМАНИЕ

АНКЕТА

Кој е дострелот на македонската ракометна репрезентација на ЕП во Хрватска?

Разигрување во четвртфиналната група

Полуфинале

Финале

Гласај

Разигрување во четвртфиналната група - 11 гласови (22%)

Полуфинале - 23 гласови (47%)

Финале - 15 гласови (31%)

Резултати Гласај

ПОВАЖНИ ТЕЛЕФОНИ

Полиција : 192 Брза помош : 194 Пожарна : 193 Центар за справување со кризи - Охрид : 195 АМСМ : 196 Автобуска станица : 260-339 Аеродром : 252-820 Црвен крст : 261-909 Водовод : 250-122 Комуналец : 263-325 НУ Центар за култура : 261-063 Завод и Музеј : 262-498 Основен суд : 261-868 ЕВН Информации : 0890 12345 ЕВН Дефекти : 0890 88888 Општа болница : 267-267 ФТУ - Охрид : 262-147 Охридско лето : 261-304 Организација на потрошувачи на Охрид : 252-833