Лицето Илија Џепароски против ЈП „Нискоградба“ на ден 05.04.2021 година поднел тужба за надомест на штета, поради како се тврдеше во истата, што тужителот пропаднал во шахта во текот на месец септември 2020 година и поради тоа телесно се повредил.

Тужителот Џепароски со оваа тужба од ЈП „Нискоградба“ побаруваше износ од 3.000.000,00 денари, на име нематеријална штета поради повреда на личните права. Откако се спроведе доказната постапка беше донесена пресуда со број П4-29/21 од 15.11.2021 година со која беше одбиено тужбеното барање на тужителот Џепароски, а истиот беше задолжен на ЈП „Нискоградба“ да ги надомести трошоците на постапката, информираат од ЈП „Нискоградба“.

Постапувајќи по жалбата на Џепароски, велат од претпријатието, Апелациониот суд Битола донел пресуда со број ГЖ-28/22 од 03.02.2022 година, со која одбиена е жалбата на Џепароски и е потврдена пресудата на Основниот суд во Охрид.

Од изведените докази судовите утврдиле дека не постои причинско-последична, односно каузална врска помеѓу повредите на тужителот Џепароски и делувањето, односно пропуштање на било кое дејствие кое ЈП „Нискоградба“ било должно да го преземе, изврши. Или со зборови од одлуката: „тужителот не достави докази со кои со сигурност би докажал дека предметната штета настанала од пропаѓање, односно сопнување и не достави докази дека за штетата постои вина кај тужениот“. Изнесените тврдења на Џепароски се паушални, не се поткрепени со докази, што се утврди во наведените судски постапки, погоре цитирани, потенцираат од претпријатието.

Додаваат дека ЈП „Нискоградба“ пренесува делови од фактографијата по предметот и не ги коментира судските одлуки, затоа што правосилните судски одлуки не треба да се коментираат, туку да се почитуваат и извршуваат.

Н.С.Ј.

Охриѓанец се повредил при пад во шахта, тужел и сега треба да плати оштета од 200 илјади денари на ЈП „Нискоградба“