Дивите депонии не се само грда слика, туку сериозна закана за здравјето на сите нас и животната средина. Отпадот нелегално оставен на вакви места ја загадува почвата и подземните води, шири токсични материи и привлекува штетници и болести, реагираат од ЈП „Охридски Комуналец“.

Одговорноста е заедничка, исто и финансиите коишто се трошат непотребно, а она што го делиме сите се и штетните ефекти од ваквиот нелегален начин на одлагање на отпад, потенцираат.

Дополнително, велат, службите излегуваат на терен чистејќи ѓубришта, трошејќи огромни ресурси коишто припаѓаат на сите граѓани.

Доколку граѓаните го одлагаат отпадот онаму кадешто е дозволено на начин којшто е прифатлив овие пари ќе може да се насочат кон овозможување поквалитетни услуги за сите. Одговорноста за нашето здравје и чистотата на нашето живеалиште зависи од сите нас. Со правилно одлагање на отпадот го штитиме просторот во кој живееме и спречуваме долгорочни последици кои сите ги плаќаме, како сега така и во иднина, истакнуваат.

Воедно, ги информираат граѓаните доколку имаат отпад којшто не знаеат каде да го одложат да ги контактираат службите на телефонскиот број 075/397-944.

OhridNews