Костал ја одбележува првата деценија во Охрид, ставајќи го градот на европската автомобилска мапа.

Пред точно една деценија, во поранешниот индустриски комплекс на ЕМО во Охрид започна приказна која денес се вбројува меѓу најуспешните германски инвестиции во Македонија. Од фабрика со амбициозна визија, „Костал Македонија“ прерасна во современ производствен центар на глобалната автомобилска индустрија, компанија што денес ги поврзува Охрид и Македонија со имиња како „Фолксваген“, „Мерцедес“, „БМВ“ „Порше“… Во атмосфера исполнета со симболика, емоции и пораки за иднината, „Костал Македонија“ денес го одбележа својот 10-годишен јубилеј.

„Костал Македонија“ веќе не е само успешна инвестиција, таа е доказ дека и во Македонија може да се создаде индустриска приказна со европски квалитет, глобални стандарди и силен човечки капитал, рече Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија на  одбележувањето на десет годишниот јубилеј.

На свеченоста присуствуваaт високи гости меѓу кои и Андреас Костал, претседател на Управниот одбор на Групацијата Костал, Хансјоерг Херман член на Членот на Управниот одбор на Костал групацијата и Главен извршен директор (CEO) на „KOSTAL Automobil Elektrik“, амбасадорката на Германија Петра Дрекслер, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, градоначалниците на Охрид, Кирил Пецаков и на Струга, Менди Ќура и други

„Костал Македонија“ е уникатна компанија од повеќе аспекти. Ова е единствена браунфилд инвестиција од ваков тип во Македонија. Успехот на компанијата не дојде случајно. Зад него стојат визија, работа, доверба и истрајност. Токму таквата посветеност и професионалност овозможи Македонија да биде препознаена како дестинација за сериозни инвестиции. Во овие 10 години, не значи дека тоа беа само години на раст, туку имавме приспособување, оптимизација и борба за нови можности. Компанијата постојано работеше на подобрување на процесите, зголемување на ефикасноста, привлекување на дополнителни проекти, посебно во време кога Европскиот пазар, но и глобалниот се соочуваа со стагнација и сериозни  предизвици. Соработката со институциите во изминатите 10 години не беше секогаш со исто темпо. Понекогаш беше и непотребно бирократска, иако бизнисот очекува поголема брзина и ефикасност. Но, важно е дека работите сепак се движат напред. Затоа е императив да продолжиме заедно да градиме партнерство во кое институциите ќе бидат вистинска поддршка на компаниите што инвестираат, извезуваат, отвораат нови работни места и носат нова вредност. Ако првите десет години беа години на поставување темели, раст и докажување, следните нека бидат години за уште поголема технолошка зрелост, иновација и лидерство, рече Мизо.

Успехот на „Костал“ во Македонија се должи на соработката со Владата, локалната власт, меѓусебната соработка и размената на искуства со остатокот од групацијата „Костал“, но и принципот на независнот на секоја поединечна локација, истакна Андреас Костал, претседател на Управниот одбор на „Костал Групацијата“.

Водечки принцип на семејството „Костал“, но и на „Костал“ како компанија, е долгорочната ориентација, а со тоа и долгорочната сигурност. За нас, обликувањето на иднината всушност значи прифаќање на секојдневните предизвици и следење на идниот развој. Македонија е деловна локација со голем потенцијал. Ова се должи на Владата, властите и институциите кои го олеснија процесот и се посветени на обезбедување на компаниите со потребната инфраструктура за многу успешно основање. Исто така, се должи и на висококвалификуваните и високо посветени луѓе кои имаат волја да ја обликуваат својата земја и успешно да ја водат во иднина. Да бидам искрен, не мислев дека е можно „Костал“ да стане толку успешен за само 10 години и да ја трансформира оваа локација, нашиот погон, од напуштена индустриска локација во производствен погон за електроника. Денес „Костал“ вработува над 1340 луѓе, а меѓу нашите клиенти се „Фолксваген“, „Мерцедес“, „БМВ“, „Порше“. Благодарение на вашата доверба, „Костал“ стана еден од 10-те најголеми извозници во Македонија и ќе бидеме меѓу првите 5 оваа година. Со обем на инвестиции од близу 200 милиони евра, „Костал“ е најголемиот инвеститор во автомобилската индустрија во Македонија, а планираме обем на продажба од повеќе од 280 милиони евра во 2026 година. Сето ова не би било можно без високо мотивиран тим и поддршката од Владата и локалните власти, посочи Андреас Костал.

Членот на Управниот одбор на „Костал групацијата“ и Главен извршен директор (CEO) на „KOSTAL Automobil Elektrik“, Хансјорг Херман, се осврна на развојот на „Костал Македонија“ низ бројки, посочувајќи го напредокот на компанијата измината деценија.

Кога дојдов за прв пат во 2021 година остваривме продажба од 80 милиони евра, оваа година очекуваме продажба од 280 милиони евра. Неверојатен развој од сите што се инволвирани во него, истакна Херман.

Тој го истакна значењето на вработените во развојот на „Костал Македонија“ изразувајќи благодарност кон генералниот директор Виктор Мизо и неговиот тим за постигнатиот успех изминатите 10 години.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, H.E. Петра Дрекслер, ја посочи добрата економска соработка помеѓу двете земји, истакнувајќи дека „Костал Македонија“ е една од компаниите која поставува високи стандарди и придонесува за развој на стручното образование.

Костал денес го обликува и влијае на економскиот живот во Охрид и многу повеќе. Вашиот ангажман е извонреден пример за тоа како може германски и македонски претпријатија заедно да бидат успешни, а како резултат на тоа да се даде придонес во благосостојбата на двете земји и нашите граѓани, рече амбасадорката Дрекслер.

Премиерот Христијан Мицкоски потенцираше дека „Костал Македонија“ има остварено значаен економски резултат има голем придонес во македонската економија.

Повеќе од 1.300 вработени којшто се овде во производните капацитети на „Костал“ во Охрид, повеќе од 1.300 човечки судбини, семејства коишто својата иднина ја гледаат токму тука во „Костал“. Повеќе од 200.000.000 евра инвестиции коишто ја прави „Костал“ најголема германска инвестиција кај нас во делот на автомобилската индустрија сам по себе е импресивен резултат. Кога сето ова ќе го сумираме и кога ќе го анализираме тогаш доаѓаме до еден заклучок дека оваа инвестиција претставува за сите нас инспирација да продолжиме заедно во години коишто следат, во периодот којшто следи, да се надополнуваме, да се поддржуваме и зошто веќе за некоја година од денеска наместо 280.000.000 евра приходи да не зборуваме за повеќе од 500.000.000 евра приходи. Нешто што треба да претставува наша заедничка цел. Зашто да не зборуваме за повеќе од 2.000 вработени, зошто да не зборуваме за повеќе од 500.000.000 евра инвестиции токму тука во македонскиот, европски, светски бисер Охрид и во Македонија како држава, рече Мицкоски.

Инвестициите од меѓународни компании како „Костал“ се клучни за локалниот економски развој и технолошкиот напредок, истакна во видео обраќањето Бранко Азески, претседател на Стопанската Комора на Северна Македонија.

Имам посебна чест и привилегија денеска во името на Комората да ја честитам 10 годишнината од работењето на Костал. Еден многу значен објект меѓу 60-тите кои што ги има во 22 земји, централата од Германија, на глобално ниво позициониран играч кој што придонесува за развој на новите технологии во автомобилската индустрија и претставува предводник на истите. На ова место пред многу години во Охрид постоеја индустриски капацитети, па дојде до еден застој, но вербата и надежта ја врати „Костал“ со својата инвестиција која го покажа патот како треба да одиме напред и да ги задржиме младите дека не треба да одат во странство. „Костал“ е меѓу најзначајните членки на Советот за странски инвеститори, додаде Азески.

Пред една деценија, кога овој проект беше во својата визионерска фаза, знаевме дека доаѓањето на компанија со вакво реноме ќе го трансформира индустрискиот профил на нашиот град. Денес, со гордост можеме да потврдиме дека „Костал не е само производствена единица, туку еден од виталните столбови на локалната економија и место каде стотици наши сограѓани ја проектираат својата професионална иднина, рече во обраќањето градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

 

Ви честитам за технолошкиот напредок и за тоа што го позициониравте Охрид на мапата на глобалната автомобилска индустрија. Оваа деценија е круна на вашата истрајност и вештина, но и верификација за квалитетот и потенцијалот на македонскиот работник. Општина Охрид и охриѓани во изминатите десет години беа вашиот најлојален партнер, излегувајќи во пресрет при секој чекор од вашиот развој од инфраструктурна поддршка до административни олеснувања. Тоа го правевме со цврста верба дека вистинското партнерство е секогаш двонасочна улица. Затоа, денес, покрај искрените честитки, сакам да упатам и еден конструктивен поттик. Верувам дека по една деценија стабилност и раст, време е „Костал“ уште посилно да го почувствува пулсот на овој град. Како компанија која црпи ресурси и знаење токму од Охрид, очекуваме вашата корпоративна општествена одговорност да се издигне на едно повисоко, повидливо ниво, посочи Пецаков.

Инаку, германскиот инвеститор, кој произведува високо софистицирана опрема за автомобилската индустрија, во изминатата деценија се етаблираше како еден од најзначајните економски двигатели во регионот и државата. Според податоците на Централниот регистар, компанијата „Костал Македонија“ во 2025 година остварила најголема добивка во Охрид од 7,6 милиони евра, што дополнително ја потврдува нејзината лидерска позиција и значењето и за локалната економија.

Десет години по првите производствени линии, „Костал Македонија“ денес не слави само јубилеј, туку и една длабока трансформација на индустријата, на локалната економија и на вербата дека Охрид и Македонија можат да бидат дел од најсовремените светски технолошки текови. Приказната на „Костал“ е пример како можат да се создаде европски успех и дома.

Г.М./Н.С.Ј.

фото. Г.М./А. Момироска